Ali H. M.Abo Rezeg
03 Јули 2017•Ажурирај: 03 Јули 2017
ДОХА (АА) - Шефот на катарската дипломатија, шеик Мухамед бин Абдул Рахман ал Тани допатува во официјална посета на Кувајт за да го изнесе официјалниот став на катарската Влада за листата на барања што како услов за деблокада ги поставија соседните заливски земји, предводени од Саудиска Арабија, јавува Anadolu Agency (AA).
Кризата во Заливот ескалираше на 5. јуни, кога властите на Саудиска Арабија, Бахреин, Египет, ОАЕ и на Јемен ги прекинаа дипломатските односи и ја блокираа границата со Катар. Катар се товари за поддршка на тероризмот, што официјална Доха го негира и обвиненијата ги оценува за неосновани.
Заливските земји на властите на Катар им доставија листа од 13 барања, меѓу кои е и затворањето на медиумската мрежа „Al Jezeera“ (Ал Џезира). Рокот за исполнување на барањата истече вчера, а на барање на Кувајт просаудискиот блок се согласи да го продолжи рокот за дополнителни 48 часа.
Исполнувањето на барањата му е наметнато на Катар како услов за деблокада, а во спротивно, на земјата ѝ се закануваат со нови санкции. „Al Jezeera“ јавува дека катарскиот министер за надворешни работи допатува во Кувајт, со официјалниот став на Катар за поставената листа на барања.
Кувајтскиот емир, шеик Сабах ал-Ахмад ал-Џабер ал Сабах е посредник во решавањето на заливската криза, а токму со него денес ќе се состане катарскиот министер Ал Тани.