Cüneyt Karadağ
24 Јуни 2022•Ажурирај: 25 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија ќе продолжи да ги поддржува земјите од Западен Балкан во нивното настојување за приклучување кон Европската Унија (ЕУ), изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Овие шест држави: Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Албанија и Косово, можат да ѝ веруваат на Германија“, изјави Шолц за новинарите во Брисел за време на вториот ден од Самитот на европските лидери.
Тој ја поздрави одлуката за доделување кандидатски статус на Украина и Молдавија, наведувајќи дека станува збор за голем чекор.
За можноста Русија да ја прекине испораката на гас за Европа, Шолц повика на дискусија за, како што рече, „тешката ситуација“, наведувајќи дека посебно внимание мора да се посвети на заедничкиот одговор на економските предизвици со кои се соочува ЕУ.
„Мора да ја развиеме нашата инфраструктура за да можеме да увезуваме гас од други држави“, додаде германскиот канцелар.