Şenhan Bolelli
29 Октомври 2017•Ажурирај: 30 Октомври 2017
МАДРИД (АА) - Шпанската влада ги повлече приватните возачи и полицијата кои беа придружба на членовите на локалните власти во Каталонија, која претходно еднострано прогласи независност, пренесува Anadolu Agency (AA).
Шпанската државна телевизија „TVE“ (ТВЕ) јави дека се повлечени возачите и обезбедувањето на министрите на локалната влада во Каталонија.
Сепак, обезбедувањето на Карлес Пучдемон, претседателот на Каталонија, кому му се одземени овластувањата, од безбедносни причини продолжува да ја врши својата должност.
Освен тоа, на министрите кои ќе бидат загрижени за својата безбедност, повторно ќе им биде доделено обезбедување.
Во тек е назначување на нови шефови на полицијата во Каталонија.
Парламентот на Каталонија во петокот попладне со тајно гласање, кое го бојкотираше опозицијата, прогласи независност од Шпанија. Кратко потоа, Сенатот на Шпанија ѝ одобри на Владата на премиерот Маријано Рахој да примени мерки без преседан од уставниот член 155, кои подразбираат смена на каталонскиот претседател и неговата влада. По итната седница на Владата, закажани се вонредни регионални избори во Каталонија за 21 декември.
Анкетата на организацијата за истражување на јавното мислење „Sigma Dos“ покажува дека приврзаниците на независноста на Каталонија, дури и да победат на изборите, може да го изгубат мнозинството во локалниот Парламент.
За приврзаниците на независноста повторно да дојдат на власт во Каталонија, потребни им се најмалку 68 пратеници во Парламентот.