İlayda Çakırtekin
02 Февруари 2026•Ажурирај: 02 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Шпанската Влада денес ја осуди одлуката на Израел да ги забрани активностите на хуманитарната медицинска организација „Лекари без граници (MSF)“ во Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Шпанската Влада ја осудува одлуката на израелските власти да ги запре активностите на ‘Лекари без граници’, кои се од суштинско значење за подобрување на драматичната здравствена состојба на населението во Појасот Газа“, се наведува во писменото соопштение на Министерството за надворешни работи на Шпанија.
Во соопштението се повторува дека меѓународните хуманитарни невладини организации, како што се „Лекари без граници“, обезбедуваат „незаменлива помош“ во услугите за спасување животи низ Газа и Западниот Брег.
„Работата на МСФ во Газа, како и на сите хуманитарни организации во областа на здравството, е клучна за справување со катастрофалната хуманитарна состојба во Појасот, обезбедувајќи витална помош за палестинското население што е изложено на неподносливо насилство“, се додава во соопштението.
Шпанската Влада, исто така, го повика Тел Авив да ја повлече одлуката, оценувајќи дека таа „сериозно ги поткопува најосновните морални принципи“ и го потсети Израел на обврската да го почитува меѓународното хуманитарно право и да го намали страдањето на сите луѓе.
Вчера Израел ги забрани активностите на „Лекари без граници“ во Појасот Газа и ѝ нареди на организацијата да ја напушти територијата до 28 февруари.
Израелското Министерство за дијаспора, кое ja надгледува работата на хуманитарните организации во Газа и на Западниот Брег, соопшти дека одлуката била донесена откако организацијата одбила да ги достави списоците на својот персонал до израелските власти.
МСФ е една од најголемите хуманитарни организации што дејствуваат во Газа, а се очекува запирањето на нејзината работа да предизвика сериозна штета врз веќе ограничените медицински услуги во енклавата.
Досега во двегодишната војна на Израел во Газа животот го загубија речиси 71.800 Палестинци, а повеќе од 171.400 се повредени. Во нападите се уништени околу 90 проценти од цивилната инфраструктура, а Обединетите нации проценуваат дека за обновата ќе бидат потребни околу 70 милијарди долари.