Ayhan Şimşek
21 Октомври 2025•Ажурирај: 22 Октомври 2025
БЕРЛИН (АА) - Германија ги зајакнува своите вооружени сили со напредно оружје и дополнителен персонал „што треба да се сфати сериозно“ во променетата меѓународна ситуација поради руската закана, изјави денес претседателот Франк-Валтер Штајнмаер, јавува Анадолу.
Говорејќи на заедничката прес-конференција со австрискиот колега Александар ван дер Белен во Виена, Штајнмаер се обиде да одговори на загриженоста во врска со плановите на Берлин за значително зголемување на трошоците за одбрана и воен персонал.
„Не го правиме ова со намера да водиме војна во иднина, туку сосема спротивното“, рече тој.
„Мора да ја зајакнеме безбедноста за да бидеме сериозно сфатени во променетата меѓународна ситуација и имам впечаток дека сме на добар пат да го постигнеме тоа“, нагласи тој.
Штајнамер, кој беше министер за надворешни работи од 2005 до 2009 година и повторно од 2013 до 2016 година, нагласи дека Германија морала да усвои нова одбранбена и надворешна политика поради асертивните акции на Русија и војната во Украина.
„Не беше наша желба решително да ја смениме безбедносната архитектура во Европа. Руската агресија, почнувајќи со анексијата на Крим (во 2014 година), а на крајот решително со руската инвазија на Украина (во 2022 година), ја урна оваа европска безбедносна архитектура“, рече германскиот претседател.
„Мора да се репозиционираме. Знаеме дека во Украина се води војна, но дека постои руска закана за слободата и демократијата низ цела Европа и мора да се подготвиме за ова во однос на безбедносната политика. Тоа значи значително зајакнување на нашите воени капацитети.“