Ekip
17 Декември 2022•Ажурирај: 18 Декември 2022
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Аргентинските власти синоќа соопштија дека се борат со пожари во 7 провинции во земјата, известува Агенција Анадолија (АА).
Пожарите ги зафатија провинциите Салта, Ентре Риос, Кориентес, Кордоба, Сан Луис, Рио Негро и Огнена Земја, соопшти Министерството за животна средина и одржлив развој на Аргентина.
Во соопштението се наведува дека пожарите се најактивни во провинциите Салта и Ентре Риос.
Противпожарен тим составен од 85 пожарникари, заедно со технички и логистички персонал, распореден е на подрачјата зафатени од пожарите со цел да се стават под контрола.
Министерот за животна средина и одржлив развој Хуан Кабандие ги пофали „координираните напори на оние кои се вклучени во операциите“.
Заменик-министерот за животна средина Серхио Федеровиски и гувернерот на Огнена Земја, Густаво Мелела, во средата ги посетија подрачјата зафатени од пожарот.
Власта на Огнена Земја прогласи вонредна состојба претходно овој месец, продолжувајќи ја забраната за палење оган до 2024 година.