Riyaz Khaliq Khaliq
07 Април 2023•Ажурирај: 09 Април 2023
ТОКИО (АА) - Пронајдени се остатоци од исчезнатиот јапонски армиски хеликоптер во водите кај островот Мијако во префектурата Окинава, во близина на местото каде што исчезна вчера со десет члена на екипажот, пренесува Анадолу.
Официјалните претставници на јапонската крајбрежна стража соопштија дека откриле нешто што изгледало како делови од хеликоптер во водите во близина на местото каде што исчезнал.
Тие, исто така, пронашле нафтени дамки на површината на водата, објави денес државната телевизија NHK.
Копнените сили за самоодбрана (GSDF) и јапонската крајбрежна стража спроведуваат заедничка операција за пребарување, при што се пронајдени одредени делови за кои се верува дека му припаѓаат на исчезнатиот хеликоптер.
„Ќе продолжиме да ги вложуваме сите можни напори во потрага по десетте исчезнати лица“, изјави за новинарите во Токио јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада.
Јапонскиот хеликоптер со десет члена на екипажот, меѓу кои и генерал-полковник Јуичи Сакамоту, исчезна од радарот околу 15:45 часот по локално време, десетина минути по полетувањето од воената база на островот Мијако во Окинава.
Екипажот комуницирал со контролата на воздушниот сообраќај околу две минути пред да се изгуби комуникацијата и хеликоптерот да исчезне од радарот.
Сликите објавени од „Куодо њуз“ покажуваат делови од исчезнатиот хеликоптер.
Островот Мијако се наоѓа на околу 400 километри источно од Тајван и блиску до островите Сенкаку, кои се под контрола на Јапонија.