Ahmet Furkan Mercan
20 Март 2021•Ажурирај: 22 Март 2021
ТОКИО (АА) - Јапонските власти одлучија да ја прекинат работата на нуклеарната централа „Токаи 2“ во префектурата Ибараки во североисточниот дел на Токио, главниот град на Јапонија, поради недостаток на регионални планови за евакуација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Окружниот суд привремено ја прекина работата на овој нуклеарен објект што се наоѓа на брегот на Тихиот Океан.
Судијката Маеда Еико истакна дека таквата одлука е донесена поради непостоењето на безбедни планови за евакуација.
„Постоечките системи кои предупредуваат на ризик од катастрофа, како и плановите за евакуација се дискутабилни“, рече Маеда, додавајќи дека близу 940.000 луѓе живеат во радиус од 30 километри од објектот.
Нагласи дека околните општини треба да изготват јасни регионални планови за евакуација на населението.
„Моменталната ситуација претставува конкретна опасност која може да ги повреди личните права на луѓето што живеат во околните места“, рече Маеда.
Нуклеарната централа „Токаи 2“, која комерцијално започна со работа во 1978 година, работи под закрила на компанијата „Japan Atomic Power“ (JAPC). Компанијата најави дека ќе поднесе жалба на судската одлука.