Rıyaz Khalıq
20 Јануари 2020•Ажурирај: 21 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Јапонската гигантска компанија за производство на електроника и електрична опрема „Mitsubishi Electric“ денеска изјави дека била цел на масивен кибернапад, за време на кој владините податоци можеле да бидат компромитирани, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на јапонската електронска компанија пишува дека дека кибернапаѓачите, за кои постои сомневање дека се од Кина, ги имале за цел информациите на компанијата во врска со владините агенции и нејзините други деловни партнери.
„Длабоко се извинуваме за предизвикувањето грижа и непријатности“, велат од компанијата.
„Mitsubishi Electric“ е главен производител во областа на одбраната. Минатата година, таа се здоби со трет по големина договор од јапонската Влада за голема опрема за одбрана.
Компанијата додаде дека информациите кои протекле веројатно се размената на електронската пошта со јапонското Министерство за одбрана и Органот за нуклеарно регулирање на земјата.
Сепак, се отфрлува можноста за откривање на чувствителни информации што се однесуваат на инфраструктурните операции.
„Тие потврдија дека нема протекување на чувствителни информации во однос на одбранбената опрема и електричната енергија“, изјави Јошихиде Суга, портпаролот на јапонската Влада.
Тој додаде дека откриените информации се однесуваат на апликантите за работа и вработените во компанијата, како и за нејзината продажба и технологии.