Ekipa
20 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
САНА (АА) – Тројца војници загинаа во напад на бунтовниците Хуси со балистички проектили во централен Јемен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Цел на нападот доцна синоќа бил камп во кој се сместени војници во градот Атак во покраината Шабва, соопштија воени извори кои сакаа да останат анонимни.
Во нападот се повредени уште 13 војници.
Медицински извори рекоа дека осум повредени војници биле итно пренесени во централната болница во Атак на лекување.
Нема коментар од Хусите во врска со нападот.
Во декември бунтовниците Хуси истрелаа балистичка ракета врз аеродромот во Атак, но немаше пријавено повредени.
Јемен е зафатен од насилства и нестабилност од 2014 година, кога бунтовниците Хуси, поврзани со Иран, зазедоа голем дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, чија цел е да ја врати јеменската Влада, ја влоши ситуацијата, предизвикувајќи една од најтешките хуманитарни кризи во светот, со речиси 80 % или околу 30 милиони луѓе на кои им е потребна хуманитарна помош и заштита, додека над 13 милиони се во опасност од изгладнување, според проценките на Обединетите нации (ОН).