Mohammad Sıo
01 Март 2024•Ажурирај: 06 Март 2024
АМАН (АА) - Јорданската Армија денес соопшти дека извршила три воздушни пуштања на хуманитарна помош во северниот дел на Газа, јавува Анадолу.
„Јорданските вооружени сили извршија три воздушни пуштања на хуманитарна помош во неколку подрачја во северна Газа“, соопшти Армијата.
Пуштањето на хуманитарна помош од авион е „во рамките на напорите на Јордан да ги поддржи луѓето во Појасот Газа и да ја зајакне нивната отпорност во услови на тековната израелска ескалација“, се додава во соопштението.
Во соопштението се нагласува дека овој чекор е дел од „тековните напори на Јордан да испрати помош со медицински материјали и храна за луѓето во Појасот Газа“.
„Операцијата има за цел да го ублажи влијанието на војната и да го компензира големиот недостиг во храна и лекови поради континуираната израелска агресија во енклавата“, се вели во соопштението.
Израелската Армија исто така соопшти дека извршила пуштање на хуманитарна помош со два авиони за Појасот Газа, во соработка со Оман и Бахреин.
Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој Тел Авив вели дека се убиени речиси 1.200 луѓе, но според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ), со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Најмалку 30.228 Палестинци оттогаш се убиени, а 71.377 други се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни работи.
Израел, исто така, воведе осакатувачка блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
По тужбата за геноцид што ја поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.