свет

Јужна Кореја: Уставниот суд одлучи да го отстрани од функција отповиканиот претседател Јун Сок Јол

Во пресудата осумте судии на Уставниот суд наведоа дека прогласувањето воена состојба од страна на Јун „не ги исполнува законските услови за (прогласување) национална криза“

Riyaz Khaliq Khaliq, Islam Uddin  | 04.04.2025 - Обновена : 04.04.2025
Јужна Кореја: Уставниот суд одлучи да го отстрани од функција отповиканиот претседател Јун Сок Јол

ИСТАНБУЛ (АА) – Уставниот суд на Јужна Кореја денес едногласно одлучи да го отстрани од функцијата отповиканиот претседател Јун Сок Јол поради неговиот обид да воведе воена состојба на 3 декември, јавува Анадолу.

Во пресудата осумте судии на Уставниот суд наведоа дека прогласувањето воена состојба од страна на Јун „не ги исполнува законските услови за (прогласување) национална криза“.

Јун беше отповикан од Парламентот на 14 декември откако на 3 декември прогласи воена состојба, што предизвика сериозна политичка криза во земјата.

Неколку членови на неговата владејачка партија Народна сила им се приклучија на опозициските пратеници за да гласаат за негово отповикување.

Во јануари Јун беше уапсен и обвинет за злоупотреба на функцијата и водење бунт, со што стана прв актуелен претседател што бил задржан во притвор. Тој доби и забрана за патување.

Сепак, минатиот месец судот го ослободи од затвор, по 52 дена поминати во притвор.

Јун беше приведен на 15 јануари, а формално беше уапсен на 19 јануари во проширената истрага за неуспешната уредба за воена состојба што тој ја бранеше. Тој беше обвинет на 26 јануари.

Уставниот суд оцени дека импичментот на Јун „не претставува злоупотреба на правото на Националното собрание да поднесе обвинение“.

Притоа, судот ги отфрли тврдењата на тимот за одбрана на Јун дека кризата во земјата била предизвикана од повторените обиди за импичмент од страна на опозициското мнозинство во Парламентот или од наводните сомневања за изборна измама.

Со оглед на тоа што Јун е отстранет од функцијата, нови претседателски избори мора да се одржат во рок од два месеца.

Тој се соочува со обвиненија за бунт и злоупотреба на функцијата.

Моментно премиерот Хан Дак-су ја извршува функцијата привремен претседател.

Владејачката партија Народна сила соопшти дека „со смиреност ја прифаќа“ одлуката на Уставниот суд, а главната опозициска Демократска партија пресудата ја нарече „победа на народот.“

Одлуката на судот беше пренесувана во живо, а пресудата беше објавена за само 22 минути.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.