Hale Türkeş
28 Август 2018•Ажурирај: 28 Август 2018
АНКАРА (АА) - Над 30 проценти од глобалната поморска трговија со сурова нафта или околу 15 милиони барели дневно поминале низ Јужнокинеското Море во 2016 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Над 90 отсто од суровата нафта во Јужнокинеското Море во 2016 година минала низ Малачкиот Теснец, најкратката морска рута помеѓу набавувачите во Африка и Персискиот Залив и пазарите во Азија, правејќи ја една од главните точки за транспорт на сурова нафта во светот“, соопшти денес Администрацијата за енергетски информации на САД (EIA).
Се додава дека значително количество сурова нафта (околу 1,4 милиони барели на ден) поминува низ теснецот на пат кон Сингапур и западниот брег на Малаја (Полуостровска Малезија), каде што се рафинира пред транзитот низ Јужнокинеското Море во форма на нафтени продукти.
Според агенцијата, Јужнокинеското Море е главна трговска рута за Блискиот Исток, која опфаќа над 70 отсто од вкупниот транспорт на сурова нафта во Јужнокинеското Море во 2016 година.
„Саудиска Арабија е најголемиот извор на сурова нафта, а учествува со речиси една четвртина од суровата нафта која минува низ Јужнокинеското Море. Над половина од глобалната испорака на сурова нафта од Саудиска Арабија во 2016 година минала низ Јужнокинеското Море“, истакнува Администрацијата за енергетски информации на САД (EIA), додавајќи дека низ оваа рута во 2016 година поминале и 52 проценти од иранскиот извоз на сурова нафта.
Според соопштението, трите увозници на сурова нафта со најголеми количини што поминуваат низ Јужнокинеското Море - Кина, Јапонија и Јужна Кореја - заедно учествуваат со 80 отсто од вкупниот износ на сурова нафта што транзитирала низ Јужнокинеското Море во 2016 година.
Околу 90 отсто од испораката на сурова нафта на Кина во 2016 година е транспортирана преку Јужнокинеското Море, додека околу 90 отсто од суровата нафта увезена од Јапонија и Јужна Кореја е пристигната по истата рута.
„Најголем дел од увозот на Јапонија и Јужна Кореја е од добавувачи од Блискиот Исток и е транспортиран преку Малачкиот Теснец и Јужнокинеското Море“, се вели од ЕИА.
Пекинг тврди дека му припаѓа речиси целото Јужнокинеско Море, кое е еден од најмногу оспоруваните региони во светот. Југоисточните азиски држави Брунеи, Малезија, Филипини, Тајван и Виетнам имаат исти тврдења за тие води.
Во 2016 година, Постојаниот арбитражен суд во Хаг заклучи дека тврдењата на Пекинг за сопственост врз морето богато со ресурси немаат правна основа. Арбитражата беше покрената од Филипините, кои велат дека правото на суверенит е прекршено од страна на Кина. Кина ја отфрла пресудата.
Вештачките острови во Јужнокинеското Море и кинеските воени операции во подрачјето се извор на континуирани тензии помеѓу САД, Кина и земјите од регионот.