Erbil Başay
16 Јули 2017•Ажурирај: 17 Јули 2017
БЕРЛИН (АА) - Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, тврди дека една година по обидот за државен удар извршен од страна на терористичката организација ФЕТО, раката на Европа е сеуште подадена за Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Јункер, во неговиот напис во германскиот весник „Bild am Sonntag“, пишува дека снимките на кои се прикажува напаѓањето на парламентот за време на државниот удар, како и повредените цивили, оставиле трага врз него.
Тој наведува дека во таа ноќ, во тоа време кога не се знаеше како ќе резултира обидот за државен удар, од монголскиот град заедно со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини во име на целата ЕУ го осудиле овој напад врз демократските институции во Турција.
„Ние особено во тешките денови бевме и сме со Турција“ додаде тој.
Јункер тврди дека ЕУ е за демократијата во Турција, земјата да биде стабилна и да има успех во економијата.
„Една година по обидот за државен удар раката на Европа е подадена“, вели Јункер, истакнувајќи дека Европа веќе јасно го кажува своето мислење, и дека очекуваат Турција да го каже своето мислење за Европа, како и да им се придружи на европските вредности.
Јункер напиша дека Турција не сака да се оддалечува од Европа, туку да се зближува.
Истакнувајќи дека тие кои сакаат да влезат во ЕУ се согласуваат и со вредностите на унијата, Јункер нагласи дека доколу турската влада донесе смртна казна, ќе и биде затворена вратата за членство во ЕУ.
Претседателот на Европската комисија истакна дека продолжуваат јасно да разменуваат мислења за оваа тема, како и за различни прашања со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. „Ние се согласивме чекор по чекор да ја продлабочуваме соработката во области како енергетика, безбедност и борбата против тероризмот“ додаде тој.
Како што пишува Јункер, заедно може да се постигне и многу повеќе, и тоа може да се огледа и во договорот за бегалци потпишан меѓу ЕУ и Турција.
Во врска со тоа, тој вели дека бројот на бегалците кои влегле во Грција преку Турција е намален за 97 отсто по стапување во сила на договорот и дека над 7.600 сиријски бегалци редовно се испратени во Европа после април 2016 година. Исто така, Јункер нагласи дека бегалците во Турција досега се поддржани со 1,6 милијарди долари.
Во тој контекст, Јункер нагласи дека верува оти со мали чекори може да се направи големо влијание.