АНКАРА (АА) – Многу муслимани кои се подложени на дискриминаторски и исламофобичен третман, тивко ја напуштаат Франција бидејќи не се чувствуваат безбедни, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во специјалната вест објавена во американскиот весник „Њујорк тајмс“ (NYT), насловена како „Муслиманите тивко ја напуштаат Франција“, се вели дека во време на предизборните кампањи за претстојните претседателски избори, каде главно има дебати за имиграциските прашања, бројот на муслиманите што ја напуштаат Франција од ден на ден се зголемува и дека тоа укажува на длабока криза.
Во веста се посочува дека тројцата најблиски ривали на претседателот Емануел Макрон во своите предизборни кампањи повеќе ја нагласуваат „антиимиграцијата“, но дека Франција во последните години добила помалку имиграција од многу други европски земји.
Според истражувачите, како што се наведува во веста, Франција изгубила висококвалификувани динамични професионалци меѓу кои и многу Французи муслимани кои како причина за своето заминување од земјата ја навеле дискриминацијата.
„Овие луѓе постојано ја доведуваат во прашање нивната безбедност. Се чувствуваат принудени да ја напуштат земјата поради постоењето на предрасуди кон нив“, се вели во веста.
Меѓу другото, се посочува дека политичарите и медиумите во земјата го игнорирале овој тренд и дека ваквата состојба го покажува неуспехот на Франција да ги интегрира во општеството најквалификуваните членови на нејзините малцинства.
Професорот Оливије Естев од Универзитетот „Лил“, кој спроведе анкета со 900 муслимани кои ја напуштиле Франција, напиша: „Овие луѓе ќе придонесат за економиите исто како во Канада и Велика Британија, но Франција сама си штети себеси.“
Кандидатката на десниот центар Валери Пекрес преку изразот „региони кои не се во Франција“, ги поврза муслиманите, кои сочинуваат 10 отсто од населението во земјата, со криминалот и другите социјални проблеми.
- Заминаа по нападите во 2015 година -
Во веста исто така се забележува дека Сабри Лута, француски државјанин кој живее во американската сојузна држава Филаделфија, ја напуштил Франција откако бил плукнат на улица и бил наречен „валкан Арап“ еден ден по терористичките напади во Франција во 2015 година, во кои загинаа 130 луѓе.
„Причината поради која заминав беа нападите во 2015 година. Ако живеете во голем демократски град на источниот брег на САД, имате помирен живот од Париз. Таму (Франција) сте во котел што врие“, истакна Лута, наведувајќи дека француските муслимани се исплашени од текот на изборите.
Во веста се наведува и примерот на Амар Мекру, кој е роден и израснат во предградијата на Париз како дете на родители имигранти, а потоа се преселил во Лестер, Велика Британија, со сопругата и 3-те деца по нападите во 2015 година.
Покрај Мекру, се дознава дека меѓу муслиманските Французи кои дошле во Велика Британија пред Брегзит, најмногу има млади семејства и самохрани мајки кои не можат да најдат работа во Франција поради проблемот со шамијата.
Исто така во веста дадено е место и на студиите спроведени од истражувачи од универзитетите од Франција, Белгија и Холандија и од Францускиот национален научно-истражувачки центар.
Во овие студии се нагласува дека повеќето млади муслимани Французи кои ја напуштиле земјата истакнале дека „ја играле играта според правилата и правеле сè што им било кажано, но не го постигнале животот што го посакувале“, поради што се разочарани.
Меѓу другото, во веста е споделен примерот на 31-годишната Миријам Грубо, која не можела да најде работа во Франција и покрај тоа што студирала европско право и проектен менаџмент. Таа се вработила во Женева во Светската здравствена организација, а потоа и во Институтот „Пастер“ во Сенегал. Но, повторно се вратила во земјата и сега бара работа во странство.
- Франција ја напушти и поранешнешен министер муслиман -
Во веста на „Њујорк тајмс“ се нагласува дека Рама Јаде, муслиман со сенегалско потекло, кој беше државен министер за човекови права за време на мандатот на поранешниот претседател Никола Саркози, ја напуштил земјата по неуспехот на неговата кампања за претседателски кандидат во 2017 година.
Од друга страна, според жалбите поднесени до Националниот советодавен совет за човекови права во Франција, антимуслиманските активности се зголемиле за 52 отсто во 2020 година во однос на претходната година.
Во земјата, јавното истражување од 2017 година покажа дека арапските и Французите со потекло од Африка се 20 пати повеќе легитимирани од страна на полицијата.
Покрај тоа, владиниот извештај објавен во ноември 2021 година покажа дека кандидатите со арапско име имаат 31 отсто помали шанси да бидат повикани за интервјуа за работа.