Alaattin Doğru
06 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
БАМАКО (АА) - Единаесет воjници на Мали се убиени по грешка во воздушен напад извршен во оваа земја од страна на француската воена единица во Мали, јавува Anadolu Agency (AA).
Одговорно лице од Министерството за одбрана на Мали соопшти дека француските војници, во рамките на борбата против тероризмот, на 23 октомври извршиле воздушен напад во областа Кидал, во северниот дел на земјата. Во соопштението на министерството се наведува дека за време на операцијата спроведена во подрачјето, убиени се 11 војници на Мали кои биле држени како заложници од страна на една вооружена група.
Официјалниот претставник истакна дека е извршена идентификација на загинатите војници на Мали.
Француските воени извори информираа дека во рамките на борбата против тероризмот, извршена е операција наречена „Баркане“ врз еден терористички камп, и оти немале информации дека во кампот како заложници биле држени војници на Мали.
По завршувањето на операцијата, француските власти соопштија дека се убиени 15 терористи.
Француската амбасадорка во Бамако, Евелин Декорп, по овој настан го посети министерот за одбрана на Мали, Тиена Колибали, изразувајќи жалење за случајот.
Северниот дел на Мали во јануари 2012 година беше окупиран од страна на радикалните групи, по судирот меѓу безбедносните сили и бунтовниците на Туарег. Овие судири предизвикаа револт кај стотици илјади лица, по што владата побара воена помош од Франција.