Erbil Başay
26 Јануари 2018•Ажурирај: 27 Јануари 2018
БЕРЛИН (АА) - Џамиите во голем број европски градови многу често се цел на напади од страна на приврзаниците на сепаратистичката терористичка организација ПЈД/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Приврзаниците на терористичката организација ПЈД/ПКК, којашто е одговорна за смртта на илјадници недолжни лица, по започнувањето на операцијата „Маслинова гранка“, сѐ почесто ги напаѓаат џамиите и верските објекти во европските градови.
Во изминатите 5 дена, приврзаниците на ПЈД/ПКК извршија напади врз најмалку 6 џамии.

За време на нападите што ги изведуваат најчесто по полноќ, претежно ги кршат прозорците на џамиите и со различни бои испишуваат заканувачки пораки.
Првиот напад по започнувањето на операцијата „Маслинова гранка“ се случи вечерта на 21 јануари, а цел на нападот од страна на приврзаниците на ПЈД/ПКК беше џамијата „Султан Алпарслан“ во градот Касел.
Ден подоцна, нападната е џамијата во Лајпциг, која делува во рамките на Управата за верски прашања на Република Турција. Во исто време, во германскиот град Минден нападната е Зелената џамија.
Во двата напада учествувале по 4 лица, а интересен е фактот што пред тие џамии, приврзаниците на ПЈД/ПКК претходно одржале марш.
Утрото на 23 јануари, нападната е џамијата во холандскиот град Ротердам, а приврзаниците на терористичката организација на ѕидовите од верскиот објект напишале „Африн“, „Апо“ и „Млади ПКК“.
Во Франкфурт на 24 јануари нападната е џамијата „Ејуп Султан“, а ден подоцна и џамијата „Улу“ во Штаде-Буцфлеит. Напаѓачите ги скршиле стаклата од џамијата и младинскиот центар, а на ѕидовите оставиле заканувачки пораки.
Приврзаниците на терористичката организација ПЈД/ПКК, кои на 22 јануари се собраа на недозволен протест пред германскиот аеродром „Хановер-Лангенхаген“, ги нападнаа патниците коишто биле турски државјани.
На видео-снимките објавени од страна на некои германски информативни портали, може да се забележи како симпатизерите на ПЈД/ПКК, со дрвените стапови на кои ги носеле транспарентите, ги напааѓаат патниците.
Претседателот на Исламскиот совет на Германија, Бурхан Кесиџи, за АА истакна дека со настанувањето на проблемите меѓу Турција и Германија, се зголемува и бројот на нападите врз џамии.
„Тоа јасно укажува дека се работи за напади со политичка заднина. Она што ние тука го очекуваме од Владата на Германија, е таа што поактивно да им се спротивстави на овие напади“, рече Кесиџи.
Кесиџи додаде дека засега нема резултати на тој план.
„Иако до сега се извршени повеќе напади врз џамии, извршителите не се пронајдени и казнети“, рече Кесиџи.