Esat Fırat
20 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
ТЕЛ АВИВ (АА) - ЕСАД ФИРАТ -
Џамијата „Хасан бег“ во Тел Авив, изградена во текот на османлиската ера во палестинскиот град Јафа, и покрај тоа што има доживеано повеќе напади од формирањето на Израел, го преживеа тестот на времето со нејзината архитектонска убавина, пишува Агенција Анадолија (АА).
Сместена во Неве Цедек, населба во Тел Авив, главниот град на Израел, џамијата наредил да се изгради гувернерот на Османлиското Царство, Хасан ал Басри Алџаби во тогашната населба Маншија, во 1914 година.

Кога населбата Маншија од османлиска Палестина била целосно уништена од страна на ционистички групи кои биле дел од основачките елементи на Израел, Џамијата „Хасан бег“ била сочувана од уривање поради страв од потенцијален груб одговор од меѓународната заедница.
Основана во 1948 година на голем дел од историската палестинска територија, државата Израел административно го поврзува градот Јафа со општината на главниот град Тел Авив.
Израел го вклучи стариот град Јафа под локално административно управување на Тел Авив и вратите на Џамијата „Хасан бег“ беа затворени за муслиманите.
Палестинците се потсетуваат дека низ годините џамијата била користена како штала и засолниште за животни и била место каде што често доаѓале зависници од дрога.
Откако е отсечена од муслиманското опкружување со подоцна изградените хостели и места за забава околу џамијата, таа е повторно отворена за богослужба во доцните 1970-ти години од страна на муслиманската заедница во Јафа.

Во разговорот со Агенција Анадолија (АА), имамот на Џамијата „Хасан бег“, Шејх Ахмед Абу Аџва, рече дека Израел се обидува да го уништи арапско-исламскиот идентитет на историската палестинска земја.
„Ништо не е останато во населбата Маншија освен џамијата, која е сведок за историјата“, рече тој, додавајќи дека по Накба (Големата катастрофа), мислејќи на основањето на државата Израел во 1948 година, стотици илјади Палестинци биле раселени или избегале од своите домови.
Нагласувајќи дека џамијата била затворена за богослужба по основањето на Израел, Абу Аџва рече: „Џамијата „Хасан бег“ во населбата Маншија, каде што Палестинците беа изложени и присилени на миграција, беше препуштена на својата судбина од страна на еврејските банди и изложена на повторувачки напади.“

Тој рече дека џамијата има површина за молитва за околу 3.000 луѓе.
„Џамијата „Хасан бег“ е буквално османлиско ремек-дело. Кој и да ја погледне структурата на џамијата, од нејзиниот влез до михработ, ќе види дека е голема османлиска творба.“

„Како и да е, сите Палестинци, особено луѓето во окупираниот Ерусалим (Кудс) и нашите браќа и сестри во Турција обезбедуваат целосна поддршка кон џамијата“, додаде тој.
Турското здружение „Нашето наследство“, кое работи на зачувување на османлиското наследство во Ерусалим (Кудс) и неговите соседни територии, во партнерство со Фондацијата „Ал Акса“, основана од палестинските граѓани во Израел, во 2009 година ги обнови источната и североисточната страна на џамијата и го реновира југоисточниот ѕид на џамијата во согласност со османлиската архитектура.