Bilal Acar
21 Април 2021•Ажурирај: 21 Април 2021
ЛОНДОН
Најавено е дека фудбалските тимови на Манчестер Јунајтед, Арсенал, Ливерпул и Тотенхем, членки на англиската Премиер лига, нема да учествуваат во Европската Супер лига, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Екипите на Манчестер Јунајтед, Арсенал, Ливерпул и Тотенхем, основачи на Европската супер лига, дадоа одделни соопштенија во врска со повлекувањето од Европската Супер лига.
Во изјавата што Манчестер Јунајтед ја сподели на својот профил на социјалната мрежа Твитер се наведува дека откако внимателно ги слушале реакциите на навивачите, Владата на Обединетото Кралство и клучните засегнати страни, подготвени се да работат заедно со сите засегнати страни во изнаоѓањето одржливи решенија за долгорочните предизвици со кои се соочува фудбалот.
„Се повлекуваме од Европската Супер лига откако ве сослушавме вас и пошироката фудбалска заедница. Направивме грешка и се извинуваме за тоа“, се вели во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на Арсенал.
Во соопштението што го даде Тотенхем се истакнува дека е започнат официјален процес за повлекување од Европската Супер лига.
Во соопштението што екипата на Ливерпул ја објави на својата официјална веб-страница, во врска со повлекувањето се вели: „Потврдуваме дека заврши нашето учество во Европската Супер лига.“
Тимот на Манчестер Сити објави дека го започнал процесот за напуштање на Европската Супер лига.
Се тврди дека и тимот на Челси, член на англиската Премиер лига, ќе се повлече од проектот на Супер лигата на Европа, како еден од нејзините основачи.
Екипите на Манчестер Јунајтед, Челси, Ливерпул, Манчестер Сити и Тотенхем од Англија, Милан, Интер и Јувентус од Италија и Атлетико Мадрид, Барселона и Реал Мадрид од Шпанија се клубовите кои пред два дена дадоа заедничко соопштение во кое информираат дека ја формирале Европската супер лига.