Hilmi Sever
27 Септември 2019•Ажурирај: 30 Септември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) – Во шестото коло во Турската фудбалска Супер лига, во сабота, 28 септември, во дерби-натпреварот ќе се соочат екипите на Галатасарај и Фенербахче, а очите на љубителите на фудбалот ќе бидат свртени кон голгетерите на двете екипи, јавува Anadolu Agency (AA).
Екипата на Галатасарај се надева на колумбиската супер ѕвезда Радамел Фалкао, додека екипата на Фенербахче се потпира на косовскиот репрезентативец Ведат Муриќи, кој сезоната ја започна во одлична форма.
- Фалкао постигна гол во првиот натпревар
Екипата на Галатасарај, по долг процес, во последниот ден од периодот на трансфер на фудбалери, од француската екипа Монако го трансферираше 33-годишниот колумбиски голгетер Радамел Фалкао.
Колумбискиот стрелец во првиот натпревар во турската Супер лига против екипата на Касимпаша успеа да го постигне победничкиот гол за Галатасарај.
Колумбискиот играч настапи и во Лигата на шампионите, каде што Галатасарај играше со белгиската екипа Бриж. Натпреварот заврши без голови.
- 280 голови на 475 натпревари
Радамел Фалкао, со прекар „Ел Тигре“ (Тигар), во неговата клупска кариера одигра 475 натпревари и постигна 280 голови, вклучувајќи го и голот за Галатасарај, на првиот негов натпревар.
Фалкао до првата шампионска титула стигна со екипата на Ривер Плата. Од друга страна, со екипата на Порто ја освои шампионската титула во УЕФА Европската лига, една шампионска титула, 2 купа и 2 Супер купа на Португалија.
Колумбискиот фудбалер во шпанската екипа Атлетико Мадрид ја освои УЕФА Европската лига, Супер купот на УЕФА и Кралскиот куп на Шпанија. Фалкао, исто така, со екипата на Монако стана шампион во Франција.
Фалкао во својата кариера за репрезентацијата на Колумбија одигра 89 натпревари, а мрежата на противниците ја затресе 34 пати.
- Ведат Муриќи првенството го започна во форма
Ведат Муриќи, кој минатата сезона имаше успешен настап за екипата на Чајкуру Ризеспор, во летниот период премина во редовите на Фенербахче. За него беа заинтересирани и екипите на Галатасарај и Медипол Башакшехир.
Муриќи одигра добри натпревари во предсезонскиот камп на Фенербахче во Австрија. Исто така добро стартуваше и во турската Супер лига.
Муриќи, во првиот официјален натпревар за дресот на Фенербахче успеа да постигне гол. Во претходните пет кола во турската Супер лига, Ведат Муриќи постигна 3 гола.
- Влијателно име на косовската репрезентација
Ведат Муриќи, исто така, е една од најважните фигури во репрезентацијата на Косово.
Муриќи на квалификациите за ЕУРО 2020 во Групата А, на последните 3 натпревари успеа да постигне гол за репрезентацијата на Косово.
Муриќи, кој постигна гол на натпреварите во Чешка и Бугарија, остави белег и на натпреварот со Англија. Натпреварот го заврши со еден гол и две асистенции.
Дваесет и петгодишниот фудбалер во Турција играше и за екипите на Гиресунспор, Генчлербирлиги и Чајкур Ризеспор.