Dejan Maksimovic
27 Септември 2017•Ажурирај: 28 Септември 2017
МАДРИД (АА) - Диего Коста јавно се заблагодари на Челзи за трите неверојатни и незаборавни години простувајќи се од сегашниот англиски шампион. Коста од јануари повторно ќе го носи дресот на Атлетико Мадрид, клубот од кој и премина на Стемфорд Бриџ, пренесува Anadolu Agency (AA).
По завршувањето на работата поврзана со неговото враќање во Атлетико, шпанскиот репрезентативец му се заблагодари на Челзи преку социјалните мрежи.
„Некои циклуси започнуваат додека други завршуваат. Мојот циклус во Челзи започна пред три години. Ова беа три исклучителни години, кои никогаш нема да ги заборавам. Две шампионски титули, Супер Купот на Англија, 120 натпревари, 59 гола и 24 асистенции, по што тој циклус заврши. Не како што би посакувал, далеку од тоа, но на најдобар можен начин“, рече Коста и продолжи:
„Прекрасни навивачи, подеднакво прекрасен клуб и соиграчи, како и сите медицински, административни и логистички службеници, ќе останат засекогаш во моите мисли и моето срце. Секогаш ќе ги носам со себе и секогаш ќе бидам на нивна страна, а исто така убеден сум дека тие ќе ги разберат причините поради кои овој мој циклус мораше да заврши, бидејќи не можев да изгубам верба во себе. Благодарам Челзи за сè“.
Коста, Бразилецот кој одлучи да игра за Шпанија, во Челзи пристигна во 2014 година, откако ја освои титулата шампион со Атлетико. Во јуни оваа година Коста доби порака од менаџерот на „сините“, Антонио Конте, дека не е во неговите планови, и дека може да се побара нов клуб. Во текот на летото одличниот напаѓач беше поврзуван со трансферот во Милан, Монако и Евертон, но тој негираше сè и изјави јавно дека сака да се врати во Атлетико. Челзи на 21 септември официјално објави дека постигнал договор со Атлетико за продажба на Коста во јануари следната година.