Yunus Kaymaz
13 Март 2019•Ажурирај: 14 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Јунис КАЈМАЗ
Кристијано Роналдо синоќа стави печат на УЕФА Лигата на шампиони, со перформансот што го прикажа против Атлетико Мадрид, понесувајќи го Јувентус во четвртинафиналето на ова најпрестижно фудбалско клупско натпреварување во Европа.
По поразот во Шпанија од 2 : 0, Јувентус на домашен терен го пречека Атлетико Мадрид. Новата ѕвезда на Јувентус, кој премина во овој клуб на почетокот од сезоната за обештетување од 117 милиони евра, го понесе италијанскиот претставник во наредното коло благодарение на погодоците постигнати во 27., 49. и 86. минута од натпреварот.
Јувентус на домашен терен ја пречека екипата на Атлетико Мадрид, која најтешко прима голови според статистиката од досега одиграните натпревари, и успеа преку Роналдо (34) трипати да ја затресе противничката мрежа. Роналдо на овој натпревар го постигна својот 8. хет-трик и се изедначи со Лионел Меси, делејќи го врвот по бројот на натпревари во Лигата на шампиони на кои успеале да постигнат хет-трик.

Роналдо и Меси, чија конкурентност става печат на модерниот фудбал, имаат најголем број хет-трик погодоци во Лигата на шампиони и имаат голема предност пред останатите голгетери. На оваа листа следуваат Филипо Инзаги, Марио Гомез и Луис Адриано со по 3 хет-трика.
- Не може да се задржи во елиминациите
Кристијано Роналдо многу повеќе ги затресува мрежите во елиминациската фаза на Лигата на шампиони, станувајќи рекордер по постигнатите погодоци во оваа фаза.
Роналдо во дресовите на Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус, на 83 натпревари во натпреварите по групи постигна 61 погодок, додека во фазата на елиминација својот перформанс го издигна на уште повисоко ниво.
Роналдо во елиминациската фаза на Лигата на шампиони одигра 77 натпревари и досега постигна 63 погодоци.
- Сам постигна повеќе погодоци од Атлетико Мадрид
Кристијано Роналдо во својата кариера во Лигата на шампиони постигна повеќе погодоци од шпанскиот претставник Атлетико Мадрид.
Португалската фудбалска ѕвезда која постигна 124 погодоци досега и се наоѓа на врвот во ЛШ, зад себе го остави Атлетико Мадрид, кој досега во своите учества на ова европско клупско натпреварување постигна 118 погодоци.
Во исто време, Атлетико Мадрид е втор клуб против кој Роналдо постигнал најголем број погодоци. Роналдо против Севиља постигна 27 погодоци, додека на 33 натпревари против Атлетико Мадрид, португалскиот интернационалец постигна 25 гола.
Атлетико Мадрид, кој беше неефикасен против Јувентус, за првпат по средбата против Олимпик Марсеј во 2009 година одигра натпревар на кој не ја затресе противничката мрежа.
- Истакнат напредок по 30-тата година
Роналдо кој петпати е освојувач на наградата „Златна топка“ (Ballon d'Or), пет пати се радуваше на триумфот во Лигата на шампиони, и со погодоците постигнати по 30-тата година зад себе остави многу познати имиња.
Роналдо, кој по 30-тата година постигна 51 погодок во Лигата на шампиони, зад себе ги остави Златан Ибрахимовиќ со 24, Дидиер Дрогба со 23 и Филипо Инзаги со 19 погодоци.
- Роналдо, и на домашен и на гостински терен
Роналдо во исто време е и играч кој има постигнато најголем број погодоци и на домашен и на гостински терен во Лигата на шампиони.
Португалската ѕвезда на натпреварите на домашен терен постигна 65 погодоци, додека на гостински терен има постигнато 55 погодоци. Благодарение на 2 погодоци од слободен удар во дресот на Манчестер Јунајтед и 10 во дресот на Реал Мадрид, Роналдо е носител и на титулата „играч со најголем број погодоци постигнати од слободен удар“.
- Роналдо - играч со најголем број погодоци постигнати во една сезона
Во дресот на Реал Мадрид, Роналдо во Лигата на шампиони во сезоната 2013/2014 постигна 17 погодоци, со што ја понесе титулата „играч кој постигнал најголем број погодоци во Лигата на шампиони во една сезона“.
На втората позиција со перформанс од постигнати 16 погодоци во сезоната 2015/2016 повторно се наоѓа Роналдо.