Dejan Maksimoviç
22 Ноември 2018•Ажурирај: 24 Ноември 2018
ДАЛАС (АА) - Германскиот кошаркар Дирк Новицки планира во декември да влезе во историјата на најсилната кошаркарска лига на светот, НБА. Имено, Новицки, кој закрепнува по операцијата на скочниот зглоб, најави дека на паркетот ќе се врати во декември. На тој начин Германецот во Далас, Маверикс, ќе ја започне својата 21. сезона во НБА лигата. Со тоа, Новицки ќе стане првиот кошаркар во историјата на НБА кој 21 сезона играл за иста екипа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Засега Новицки сѐ уште го дели рекордот со Коби Брајант кој 20 сезони играше во дресот на Лос Анџелес Лејкерс, а се пензионираше во 2016 година.
„Тешко е кога напорно работите 8 недели, вие сте 40-годишник кој повторно проодува и се обидувате да дојдете во форма за да одиграте минути во НБА. Се надевам дека набргу ќе успеам во тоа. Верувам дека некаде во декемри ќе бидам подготвен и дека моето тело ќе реагира на најдобар начин. Причина поради која го одолжив моето закрепнување е тоа што, кога ќе излезам на паркетот, во преостанатиот дел од сезоната, посакувам да бидам здрав. Не сакам да се вратам пребргу и да ми се повтори ситуацијата од пред неколку сезони“, рече Новицки.
Германскиот кошаркар кариерата ја започна во германскиот кошаркарски клуб ДЈК Вирцбург. Драфтуван е во 1998 година од Милвоки Бакс, кои го „трејдуваа“ во Далас Маверикс. Со клубот од Тексас, Новицки создаде нераскинлива врска, а ѕвездени моменти доживеа во 2011 година. Таа сезона тој го одведе Далас до титулата шампион на НБА и ја понесе титулата најкорисен играч (MVP) во финалната серија. Дури 13 пати учествуваше во НБА Ол-стар натпреварите. И со репрезентацијата на Германија имаше големи успеси. Во 2002 година го освои бронзениот медал на Светското кошаркарско првенство и е прогласен за најдобар играч на тоа Светско првенство. Три години подоцна го освои сребрениот медал на Европското првенство, на кое, исто така, ја понесе титулата најдобар играч.