27 Март 2019•Ажурирај: 28 Март 2019
МАДРИД (АА) - Според наводите на шпанските и италијанските медиуми, Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, го убедил претседателот на клубот, Флорентин Перез, во летниот преоден род да го донесе репрезентативецот на Босна и Херцеговина (БиХ), Миралем Пјаниќ од Јувентус, пренесува Anadolu Agency (AA).
Меѓу многуте наводни засилувања на „кралскиот клуб“, покрај Пјаниќ, се споменуваат и Еден Азар, Килијан Мбапе и Пол Погба. Но, како што тврдат медиумите, Зидан најмногу инсистира за 28-годишниот играч од средниот ред.
Пјаниќ со Јувентус има важечки договор до летото 2023 година, па Реал за обештетување би морал да издвои најмалку 90 милиони евра. Но, со оглед на бројот на цифрите што беа во оптек последниве години во преодните рокови, тоа не е превисока цена за таков квалитетен играч. Двата најскапи играчи што Реал ги има донесено досега беа Герет Бејл за 101 милион евра од Тотенхем и Кристијано Роналдо за 96 милиони евра од Манчестер Јунајтед.
Наводно, освен Пјаниќ, редовите на „старата дама“ летово би можеле да ги напуштат и Сами Кедира и Пауло Дибала.
Пјаниќ во својата кариера, освен за Јувентус, играше и за Мец, Олимпик Лион и Рома. За „старата дама“ одигра 125 натпреварувачки меча и постигна 19 гола. Во репрезентацијата на БиХ тој настапи 85 пати со 13 гола.