Dejan Maksimoviç
05 Октомври 2019•Ажурирај: 08 Октомври 2019
МАДРИД (AA) - Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, во пресрет на денешниот натпревар од 8. коло во шпанската Ла лига против најпријатното изненадување Гранада изјави дека и покрај фактот дека е под притисок на јавноста, ќе се бори до последен ден да остане на клупата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иако Реал е прв на табелата на шпанското првенство со четири победи и три нерешени натпревари, Зидан и играта на неговите избраници се под постојани критики на јавноста. Критиките се зголемија откако „кралскиот клуб“ во вторникот во Лигата на шампионите на домашен терен одигра само 2:2 со аутсајдерот Бриж.
„Знам каде сум и тука е секогаш така. Таква е улогата на тренерот. Ќе се борам до последен ден, бидејќи уживам во она што го правам“, порача Зидан, и додаде:
„Не сме во толку лоша состојба како што луѓето тука зборуваат. Ова е Реал Мадрид и фокусирани сме на она што можеме да го направиме на теренот, бидејќи сега нѐ чека натпревар во кој можеме да покажеме зошто сме на врвот. Сакаме да бидеме сигурни дека ќе бидеме на врвно ниво до последениот свиреж. В сабота нѐ чека дерби во кое играат првиот против вториот. Знаеме дека ќе играме против екипа која има добра сезона, токму како и ние.“
По седум кола Реал е лидер на табелата со 15 бода, додека Гранада е втора со бод помалку. Натпреварот помеѓу двата водечки тима од Ла лигата ќе се игра денеска на „Сантијаго Бернабе“ со почеток во 16:00 часот.