Muhammed Enes Çallı
22 Ноември 2021•Ажурирај: 23 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Славната кинеска тенисерка Пенг Шуаи за олимписките официјални претставници изјави дека е на безбедно место и дека се чувствува добро, по големата меѓународна загриженост за тоа каде се наоѓа, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Пенг зборуваше со претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (IOC), претседателката на Комисијата за спортисти на МОК, Ема Терхо, и со членот на МОК во Кина, Ли Лингвеи, преку видеоповик од Пекинг“, се вели во соопштението на олимпиското тело со седиште во Швајцарија.
Кинеската тенисерка Пенг (35), исчезна од јавноста овој месец, откако го обвини поранешниот кинески вицепремиер Жанг Гаоли за сексуален напад.
Таа стапи во контакт со претставниците на Олимпијадата, откако организаторите на настанот објавија фотографии од тенисерката како присуствува на младински тениски турнир во неделата и во ресторан во саботата.
„Во 30-минутниот видеоповик, Пенг „објасни дека е безбедна и добро, дека се наоѓа во нејзиниот дом во Пекинг, но би сакала да се почитува нејзината приватност во овој момент“, се вели во соопштението на МОК.
„Затоа таа претпочита да го поминува времето со пријателите и семејството во моментов. Сепак, таа ќе продолжи да се занимава со тенисот, спортот што толку многу го сака“, се додава.
Терхо изјави дека сега му е полесно кога видел дека Пенг Шуаи е добро, што претставувало нивна главна загриженост.
„Таа изгледаше опуштено. Јас ѝ ја понудив нашата поддршка и да остане во контакт во секое време кога и да посака, што таа очигледно го ценеше“, рече официјалниот претставник.
„Бах ја покани Пенг на вечера кога ќе дојде во Пекинг во јануари, што таа со задоволство го прифати, а двајцата се согласија да ги вклучат Ема Терхо и Ли Лингвеи“, се додава во соопштението.
Пенг Шуаи преку кинеската платформа „Веибо“ на почетокот на ноември сподели информација дека пред три години била принудена на сексуален однос од Жанг, кој беше вицепремиер во Кина меѓу 2013 и 2018 година.
И покрај тоа што објавата беше отстранета за неколку минути бидејќи интернетот во земјата е под државна контрола, информацијата беше споделена од неколку обожаватели на кинеската тенисерка, а таа не беше видена во јавноста со недели.