Yusuf Özcan
24 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
ПАРИЗ (АА) - Карим Бензема, фудбалерот на шпанскиот Реал Мадрид, е осуден на условна затворска казна од 1 година во случајот во кој беше обвинет за уцена, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Судот во Версај ја донесе својата пресуда за Бензема во случајот за уцена на францускиот фудбалер Матје Валбуена.
Судот, истакнувајќи дека Бензема бил лично инволвиран во овој инцидент, го осуди фудбалерот на 1 година затвор и на парична казна од 75.000 евра.
Адвокатот на Бензема истакна дека ќе се жалат на оваа одлука на судот.
Обвинителството за Бензема побара условна затворска казна од 10 месеци и парична казна од 75.000 евра.
Претседателот на Француската фудбалска федерација, Ноел Ле Грае, во изјавата дадена пред две недели рече дека Бензема и да биде прогласен за виновен во овој случај нема да биде отстранет од составот на француската репрезентација.
Истрагата за францускиот фудбалер Бензема беше спроведена во рамките на „обидот за грабеж на имотот на Матје Валбуена“, кој игра за екипата на Олимпијакос во Грција.
Во случајот се тврдеше дека Валбуена бил уценуван со испраќање на тајно снимено видео од неговиот приватен живот и дека му се побарани 150.000 евра.
Против Карим Бензема и другите обвинети во гореспоменатите обвиненија беше поднесена тужба на 5 ноември 2015 година, а селекторот на француската репрезентација Дидие Дешам поради случајот со Бензема не го повика да игра за националната репрезентација.
Од друга страна, Дешам беше изложен на критики за расизам бидејќи не го повика муслиманскиот фудбалер со алжирско потекло во репрезентацијата.
Бензема беше повикан во француската репрезентација во мај, по 5,5 години.