Dejan Maksimovic
02 Септември 2023•Ажурирај: 07 Септември 2023
ЛОНДОН (АА) - Уште еден рекорден преоден рок е затворен синоќа по жешкото лето во кое клубовите од англиската Премиер лига потрошија 2,36 милијарди фунти (2,76 милијарди евра) за нови играчи, објавија британските медиуми, пренесува Анадолу.
Заедничките трошоци на 20-те клубови од Премиер лигата за време на преодниот рок го собори претходниот рекорд од 1,92 милијарди фунти (2,24 милијарди евра) поставен минатото лето, според компанијата за финансиски услуги „Делоит“.
Клубовите од Премиер лигата потрошија дури 255 милиони фунти (263 милиони евра) само во последниот ден од преодниот рок, што е повеќе од двојно од 120 милиони фунти (140 милиони евра) потрошени на последниот ден минатото лето.
Тим Бриџ, водечки партнер во Делоит Спорт Бизнис, рече:
„Второ последователно лето со рекордно трошење на клубовите од Премиер лигата сугерира дека растот на приходите може да се врати по пандемијата. Речиси три четвртини од клубовите од Премиер лигата, поточно 14 од нив, потрошија повеќе ова лето од минатото, што е одраз на зголемениот интензитет на натпреварувања. И понатаму постои притисок врз клубовите да дојдат до големи таленти за да ги исполнат своите цели на теренот, без разлика дали тоа се квалификациите за европско натпреварување или едноставно за одржување на своите позиции во Премиер лигата.“
Двата најголеми трансфери летово ги направија лондонските клубови Челзи и Арсенал, и двата вредни повеќе од 100 милиони фунти. Челзи го ангажира играчот од средниот ред Мојсес Каиседо од Брајтон за 100 милиони фунти (117 милиони евра), а трансферот би можел да се искачи на рекордни 115 милиони фунти (134 милиони евра). Арсенал потроши и 100 милиони фунти за да го доведе играчот од средниот ред Деклан Рајс од Вест Хем, со можност за дополнителни 5 милиони фунти (5,8 милиони евра) доколку се исполнат одредени услови.