Övünç Kutlu
27 Февруари 2021•Ажурирај: 01 Март 2021
ВАШИНГТОН
Американската кошаркарска ѕвезда Леброн Џејмс му одговори на Златан Ибрахимовиќ откако шведскиот фудбалер го критикуваше поради неговиот политички активизам, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ибрахимовиќ во четвртокот му порача на Американецот дека би требало да се занимава со спорт и да не се меша премногу во политика.
„Тој прави феноменални нешта во својот спорт, но не сакам кога луѓето ќе досегнат таков статус и тогаш зборуваат за политика. Прави го она во што си добар. Јас играм фудбал бидејќи сум најдобар во тоа. Да бев политичар, ќе се занимавав со политика“, рече Ибрахимовиќ.
Џејмс бргу му одговори преку видео, порачувајќи дека никогаш нема да ја игнорира неправдата што им се случува на луѓето.
„Никогаш нема да молчам за неправдата и кога гледам дека работите се погрешни. Сите тие нешта за кои зборувам, друштвената нееднаквост, неправда, расизмот и останатите нешта што се случуваат во нашата заедница, ги зборувам бидејќи и јас самиот бев дел од таа заедница и гледав што се случува. Мораме да го подигнеме нашиот глас“, рече американскиот кошаркар и додаде:
„Јас сум нивниот глас. Не предупредувам само на неправдата во мојата заедница, туку и на неправдата низ целиот свет. Нема шанси дека треба да се држам само до спортот.“
Леброн го потсети шведскиот напаѓач Ибрахимовиќ на претходните негови изјави по прашањето за расизмот.
„Смешно е дека го рекол тоа, бидејќи ако се вратам во 2018 година зборуваше за лошото искуство во Шведска. Зборуваше за исти нешта и што му се случувало поради презимето кое го носи и расизмот што го чувствувал додека бил на теренот. Многу знам за тие нешта, така што не сум човек што треба да се напаѓа, бидејќи само ја работам својата задача“, рече Џејмс.