Dejan Maksimoviç
07 Август 2019•Ажурирај: 08 Август 2019
МАНЧЕСТЕР (АА) - Фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед ќе го казни Ромелу Лукаку бидејќи пропушти тренинг на тимот без дозвола, јавија британските медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Белгискиот фудбалер последните два дена тренира со поранешниот клуб Андерлехт, со што уште еднаш јасно дава до знаење дека сака да го напушти „Олд Трафорд“. Но, тоа би можело скапо да го чини, бидејќи ќе биде парично казнет, а се споменува износ од дури 435.000 евра.
Одличниот 26-годишен напаѓач, наводно, сакаат да го донесат Јувентус и Интер. Сепак, Јунајтед во јули, според наводите на медиумите, ја одбил понудата за Лукаку на Интер вредна 59 милиони евра.
Големата желба да го доведе Лукаку неодамна ја искажа и Антонио Конте, новиот тренер на Интер.
„Го сметам за играч кој би можел да даде голем придонес во нашиот тим“, рече Конте.
Наводно, „нероазурите“ не се откажале од Белгиецот, па испратиле нова понуда од 73 милиони евра. Но, изгледа дека Манчестер Јунајтед не е задоволен ниту од таа сума и дека сака барем уште најмалку пет милиони повеќе.
Лукаку беше близу до преминување во Јувентус во размената во која во правец на Олд Трафорд требаше да замине Паоло Дибала. Меѓутоа, и покрај фактот што двата клуба постигнаа договор, аргентинскиот напаѓач одби да премине во Јунајтед, па работата не успеа.
Лукаку во Манчестер Јунајтед дојде во јули 2017 година за 81 милион евра. Тој одигра 96 натпреварувачки меча за „црвените ѓаволи“ и постигна 42 гола. Во дресот на репрезентацијата на Белгија настапи 81 пат и постигна 48 погодоци.