Muhammed Enes Çallı
03 Март 2021•Ажурирај: 04 Март 2021
ЊУЈОРК
Раководството на американската Национална кошаркарска лига (НБА) ги објави имињата на кошаркарите што ќе учествуваат на поединечните егзибициони натпреварувања во текот на престојниот oлстар-викенд. Меѓу нив се двајца кошаркари од Балканот, Лука Дончиќ и Никола Вучевиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дончиќ и Вучевиќ ќе се натпреваруваат во категоријата „Скилс челинџ“ во која својата умешност на паркетот ќе ја покажат и Роберт Ковингтон, Крис Пол, Џулиус Рендл и Домантас Сабонис.
Во натпреварувањето во шутеви за три поени ќе се натпреваруваат Стефен Кари, Џејлен Браун, Девин Букер, Зек Лавин и Донован Мичел.
Во традиционално најатрактивната дисциплина забивање ќе се натпреваруваат Анферни Сајмонс, Касиус Стенли и Оби Топин.
Поединечните егзибициони натпреварувања ќе се одржат на 7 март во арената „Стејт фарм“ во Атланта, кога ќе биде одигран и јубилејниот 70-ти НБА олстар-натпревар меѓу двете НБА-конференции.
Навивачите, активните играчи во НБА и претставниците на медиумите ги избраа стартните петорки што ќе настапат за Источната и Западна конференција на НБА ревијалниот олстар-натпревар.
Стартната петорка на Источната конференција ја сочинуваат: Кевин Дурант (Бруклин Нетс), Јанис Антетокумпо (Милвоки Бакс), Џоел Ембид (Филаделфија Севентисиксерс), Бредли Бил (Вашингтон Визардс) и Кари Ирвинг (Бруклин Нетс).
Во стартната петорка на Западната конференција ќе настапат Леброн Џејмс (Лос Анџелес Лејкерс), Кавај Леонард (Лос Анџелес Клиперс), Никола Јокиќ (Денвер Нагетс), Стефен Кари (Голден Стејт Вориорс) и Лука Дончиќ (Далас Маверикс).
Преостанатите играчи на олстар-натпреварот утре ќе бидат избрани од капитените на конференциите, Кевин Дурант и Леброн Џејмс.