Orhan Yoldaş
12 Октомври 2019•Ажурирај: 14 Октомври 2019
МАЛАТЈА (AA) - ОРХАН ЈОЛДАШ - Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец и напаѓач на турскиот прволигаш Малатјаспор, Адис Јаховиќ (32), моментално е најдобар стрелец во турското првенство, а порачува дека ќе даде сè од себе неговата серија голови да продолжи, јавува Anadolu Agency (AA).
Јаховиќ бележи одличен почеток на сезоната во дресот на Малатјаспор, инаку неговиот трет клуб во Турција. Во седум одиграни кола Јаховиќ постигна седум голови.
Во разговор за Anadolu Agency (AA) Јаховиќ нагласува дека головите всушност не доаѓаат сами по себе. Како што рече, на тренинзите го вложува својот максимум.
„Успехот е поврзан со желбата и карактерот. Колку ќе имате силна волја, толку ќе бидете успешни. Настојувам да дадам свој максимум на тренинзите и да се потрудам да бидам од корист на својот клуб и соиграчите“, рече Јаховиќ.
Говорејќи за успешниот старт на сезоната, седум голови во седум кола, Јаховиќ појаснува дека всушност тоа е поврзано со системот на игра со која игра неговиот клуб.
„Со оглед на тоа дека со тренерот Серген работев и порано, многу бргу се вклопив во новата средина. Верувам дека така и ќе продолжи. Моја работа е да давам голови и ќе дадам сè од себе на тој план. Секој фудбалер сака да биде најдобар стрелец. Мој приоритет е нашиот клуб да има успех во лигата. Ако мојот клуб загуби, головите кои ги постигнувам немаат никаква смисла“, порача Јаховиќ.