Berad Büyük
06 Ноември 2020•Ажурирај: 08 Ноември 2020
ИСТАНБУЛ - БЕРАД БУЈУК -
При крај се подготовките на патеката Интерсити Истанбул парк каде што во периодот од 13 до 15 ноември ќе се одржи трката во Формула 1 за Големата награда на Турција.
Претседателот на Управниот одбор на Интерсити, Вулар Ак, за Агенција Анадолија (AA) изјави дека подготовките за трката што ќе се одржи следната недела се при крај.
Вурал Ак истакна дека е многу среќен што по пауза од девет години трките во Формула 1 повторно се враќаат во Истанбул, и додаде: „Во последните четири години внимателно го следиме проектот кој ни беше доделен по налог на претседателот на Турција. Судбина беше трката да дојде оваа година. Во неделата што е пред нас ќе бидеме домаќини на трката што ќе се одржи на Интерсити Истанбул парк. Сите подготовки се завршени, потребни се само детални украсувања. Се поставуваат рекламните паноа на трката. Се прават мали дотерувања поврзани со пејзажот, но генерално, основните работи се завршени.

Министерството за транспорт го обнови асфалтот. Општина Истанбул ни помогна многу во сето чистење, уредување и поправки, освен околу асфалтот. Нашето Гувернерство одлично ја организира цела оваа организација. Под негово водство, сите јавни институции во Истанбул многу ни помогнаа.“
Ак рече дека повеќе од 2 милијарди луѓе ќе ја следат трката, и додаде:
„Се знае дека Формула 1 е најгледан мото-спорт и генерално стана попопуларен спорт, дури и од фудбалот. Сакавме да ја донесеме трката со цел промовирање на Истанбул и Турција. Многу сум среќен што успеавме во тоа. Сега почнавме да одбројуваме наназад. Ни остана една недела до почетокот.“

Потсетувајќи дека шампионот во Формула 1 во оваа сезона може да го одреди трката во Истанбул, Ак рече: „Луис Хамилтон води во моментот, а сè уште не е математички шампион. Со освоените бодови на оваа трка, тој ќе може да ја понесе шампионската титула во Истанбул пред завршувањето на Шампионатот. Ова е многу важно за нас. Во моментов пристигнаа сите логистички екипи на тимови. Карго авиони слетуваат еден по друг во Истанбул. Камионите излегуваат од траектите. Гаражите се преполни. Екипите се распоредуваат според гаражите.“
- „Средбите за одржување на трката во Формула 1 продолжуваат во Турција и наредната година“ -
Вурал Ак изјави дека целата организација е спроведена без никакво финансиско оптоварување на државата.
Истакнувајќи дека според него тоа е идеалната формула, Ак продолжи со зборовите: „Да се биде под покровителство на државата и претседателот, носи многу оперативни предности, а правилен чекор беше неоптоварувањето на државата од финансиски аспект во овој економски тежок период. Не се претвори во дело направено со пари на државата, како другите спортови.“
На прашањето во врска со активностите за организирањето на Формула 1 во Истанбул и во иднина, Вурал Ак одговори: „За таа цел ние продолжуваме со преговорите за да може трката во Формула 1 да се одржи во Турција и следната година. Се чини дека тоа ќе се знае за многу кусо време. Моја цел е трката повторно да биде организирана.“