Hilmi Sever
16 Декември 2022•Ажурирај: 18 Декември 2022
ДОХА (АА)
Хрватска и Мароко денес го играат натпреварот за третото место на Светското првенство во фудбал Катар 2022, известува Агенција Анадолија (АА).
Натпреварот се игра на Стадионот „Халифа“, со почеток во 16:00 часот. Средбата ќе ја води катарскиот судија Абдулрахман ал Џасим.
Хрватска и Мароко на ова Светско првенство се сретнаа и во групната фаза во групата Ф. Средбата меѓу овие две селекции во првиот натпревар од групата Ф заврши без победник, 0:0.

На средбата меѓу овие две селекции за Мароко нема да настапи повредениот Ромејн Сајс.
Доколку Хрватска го победи Мароко, тоа ќе биде вторпат, по 1998 година, оваа репрезентација да заврши на третото место на светските првенства.
- Патот на Хрватска до борбата за трето место на СП Катар 2022
Хрватска ја пропушти шансата за пласман во финалето по поразот од Аргентина од 3:0 во полуфиналето. Хрватска својата авантура на Мундијалот Катар 2022 ја започна со ремито против Мароко, за во вториот натпревар да ја совлада Канада со 4:1. Во последниот натпревар од групната фаза Хрватите одиграа без голови против Белгија и го освоија второто место со 5 бода.
Во осминафиналето Хрватска играше против Јапонија. Овој натпревар, кој во регуларниот тек и по продолженијата заврши без победник, 1:1, Хрватска го доби по подоброто изведување на пеналите. На сличен начин Хрватска во четвртфиналето ја елиминира и селекцијата на Бразил. На натпреварот кој по првите 90 минути заврши без победник, 0:0, се играа продолженија. Бразил поведе со 1:0 во првото продолжение, во 105.+1. минута од средбата. И кога сите очекуваа натпреварот да заврши со победа на Бразил, Хрватска во 117. минута израмни на 1:1 и се замина на изведување на ударите од белата точка.
Хрватска беше подобар изведувач на пеналите и со победата над Бразил се избори за пласман во полуфиналето на СП Катар 2022.
- Патот на Мароко до борбата за третото место на СП Катар 2022
Репрезентацијата на Мароко за првпат во својата историја играше во полуфиналето на едно светско фудбалско првенство. Во полуфиналето на СП Катар 2022 Мароко за противник ја имаше селекцијата на Франција, актуелниот светски шампион. Франција победи со 2:0 и на тој начин го урна сонот на Мароканците да играат во финалето на Катар 2022.
Селекцијата на Мароко, која е изненадувањето на СП 2022, во групната фаза се натпреваруваше во групата Е, во која беа фаворитите Белгија и Хрватска и селекцијата на Канада. Мароко приреди пријатно изненадување и по нерешениот меч со Хрватска на својот прв натпревар на овој Шампионат, во второто коло ја совлада Белгија со 2:0. Во последното коло Мароко ја совлада Канада со 2:1 и ја обезбеди лидерската позиција во групата.
Во осминафиналето Мароко за противник ја имаше репрезентацијата на Шпанија, која беше голем фаворит, но за Мароканците тоа ништо не значеше. Одиграа еден дефанзивно добар натпревар и по регуларниот дел и одигрувањето на продолженијата се изведуваа ударите од белата точка. Голманот на Мароко беше расположен и не дозволи Шпанците да ја затресат неговата мрежа при изведувањето на ударите од белата точка и на својата репрезентација ѝ донесе пласман во четвртфиналето. Во четвртфиналето противник на Мароко беше Португалија, повторно голем фаворит. На оваа средба Мароканците успеаја да извојуваат победа над Португалија со 1:0, потврдувајќи дека можат да совладаат кого било на ова Светско првенство. Со оваа победа Мароко стана првата африканска земја која се пласирала во полуфинале на светските првенства.