Dejan Maksimoviç
24 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
БЕЛГРАД (AA) - На состанокот на министрите за млади и спорт на Србија, Бугарија, Романија и Грција, официјално е потврдено дека овие четири држави ќе поднесат заедничка кандидатура за организација на две големи фудбалски натпреварувања, Европското првенство 2028 и Светското првенство 2030 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
На состанокот во Белград присуствуваа српскиот министер Вања Удовиќ, бугарскиот Красен Кралев, романскиот Константин Богдан Матеи и грчкиот заменик-министер за култура и спорт, Јоргос Василеиадис.
Од Министерството за млади и спорт на Србија велат дека во обраќањето до јавноста истакнале дека иницијативата е потврда за исклучително развиените и содржајни односи на нивните држави, дека претставува позитивен предизвик кој ќе придонесе кон регионалниот напредок на сите полиња, дека многу позитивно ќе се одрази на понатамошниот развој и популаризацијата на фудбалот и спортот во нивните средини и дека евентуалното носење одлука едно од овие првенства да се одржи во спомнатите земји на Балканот, повеќекратно позитивно ќе влијае на другите важни области како што е инфраструктурата, туризмот, економијата, културата и технолошкиот развој на земјите кандидати.
„Благодарен сум на моите почитувани колеги од нам блиските држави Грција, Бугарија и Романија, на отвореноста и подготвеноста заедно да се посветиме на реализацијата на оваа амбициозна цел“, рече Удовчиќ.
„Сигурни сме дека оваа иницијатива ќе создаде уште мостови на пријателство и соработка помеѓу нашиот народ и дека заедно ќе се радуваме од 2024 година, кога ќе се носи одлуката за овој проект. Сакам на сите во реализацијата на оваа сјајна идеја да им посакам успех и многу среќа.“
Со разгледувањето на организацијата на Европското и Светското првенство во фудбал, министрите истакнаа дека овој модел на соработка во иднина би можел да биде применет и на други манифестации од областа на спортот и проектите посветени на младите од нивните земји.