Elvır Hodzıc
10 Март 2023•Ажурирај: 12 Март 2023
СКОПЈЕ (АА) - Славната американска скијачка Микаела Шифрин денеска извојува победа на Светскиот куп во светскиот ски-центар Оре во претпоследниот велеслалом сезонава, постигнувајќи ја својата 86. победа на Светскиот куп, изедначувајќи го рекордот со славниот Ингеман Стенмарк, известува Анадолу.
Шифрин со оваа победа и пред завршницата на Светскиот куп во Андора, се стекна со повеќе од 100 бодови предност пред својата конкуренција и на тој начин го осигури 10-тиот кристален глобус. Американската скијачка во својата колекција на трофеи има и 5 големи глобуси како севкупна победничка на Светскиот куп.
Таа денес за 64 стотинки беше побрза од второпласираната Фредерика Брињоне, а како третопласирана трката ја заврши Швеѓанката Сара Хектор.
Швајцарката Лара Гут-Бехрами, најголемата конкуренција на Шифрин во велеслалом, денес испадна уште во првата трка.
Извонредната Шифрин веќе утре има можност повторно да ја испише историјата. Имено, на истото место се вози слалом, на кој Американката би можела да ја постигне својата 87. победа и да го надмине славниот Стенмарк по бројот на победи на Светскиот куп.