Zehra Nur Düz
27 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
АНКАРА
Борбата против терористичката организација ДЕАШ е камен-темелник на антитерористичките операции на Турција во Сирија, истакна шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ќе продолжиме да ги гониме и да ги изведуваме пред лицето на правдата сите терористи на ДЕАШ, вклучувајќи ги и оние што терористичката организација ЈПГ/ПКК ги ослободи од затворите во последните недели“, напиша Алтун на Твитер.
„Ние ќе соработуваме со земјите од кои потекнуваат, со цел да обезбедиме репатријација на странските терористички борци кои ѝ се придружија на ДЕАШ“, додаде тој.
Алтан ја нагласи соработката на Турција со нејзините пријатели и сојузници против тероризмот во сите негови форми и манифестации. „Време е да ги елиминираме сите преостанати терористички водачи“, истакна тој.
Над 300 луѓе се убиени во напади во Турција за кои одговорност презеде ДЕАШ, каде што цел на терористичката организација во последните неколку години во нејзините самоубиствени и вооружени напади се цивилите.
Турските безбедносни сили се вклучени во долгорочна кампања за спречување на нападите на ДЕАШ.
Од 2016 година, Турција спроведе три успешни операции во северна Сирија против терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ - операцијата „Штитот на Еуфрат“ (2016-2017), операцијата „Маслинова гранка“ (2018) и операцијата „Извор на мирот“ (која започна на 9 октомври).
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.