Murat Paksoy
27 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со германската канцеларка Ангела Меркел разговараше за ситуацијата во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган и Меркел разговараа телефонски, а главни теми на разговорот беа билатералните односи, случувањата во североисточниот дел на Сирија и регионални прашања.
Разговорот доаѓа близу истекот на рокот за повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од североисточна Сирија кон југ. Рокот од 150 часа истекува на 29 октомври, вторник.
Германија не беше вклучена во договорот за поставување на рокот.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Анкара и Москва постигнаа договор според кој терористите на ЈПГ/ПКК ќе се повлечат 30 километри јужно од турската граница со северна Сирија во рок од 150 часа, а безбедносните сили на Турција и Русија ќе вршат заеднички патроли во тоа подрачје.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.