Ayşe Yıldız
14 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
АНТАЛИЈА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, порача дека борбата против предавниците и терористите на ФЕТО ќе продолжи во и надвор од Турција, сè додека таа терористичка организација во целост не се порази, и даде пример дека Малезија веќе екстрадирала три лица во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу денеска присуствуваше на церемонијата по повод завршувањето на инфраструктурен проект во Анталија, и во таа пригода на новинарите им истакна дека терористичката организација ФЕТО е присутна во речиси 170 земји низ целиот свет и предупреди дека ширум светот применува иста тактика - првин едуцира, а потоа своите поданици ги инфилтра во сите институции и преку таа мрежа ги остварува своите предавнички цели.
Укажувајќи дека терористичката организација ФЕТО стипендирала свои студенти во Турција, САД и во целиот свет, Чавушоглу изјави дека по завршувањето на школувањето тие луѓе се инфилтрирани во сите пори на јавната сфера, вклучувајќи ја бирократијата, војската, полицијата и другите сектори.
„Во неколку земји толку добро развиле мрежа што речиси целосно ја покриле власта. Сепак, по неуспешниот обид за воен удар во Турција на сите им стана јасно вистинското лице на оваа терористичка организација. Ни се обраќаат луѓе од сите делови на светот, има лица кои доаѓаат од африканските земји да побараат соработка во борбата против ФЕТО. Така е и со Азија. Постојат многу пријателски земји кои соработуваат со Турција во оваа борба", рече Чавушоглу.
Чавушоглу соопшти дека Малезија, Пакистан, Сомалија, многу земји од Латинска Америка се само еден дел од пријателите кои соработуваат со Турција во борбата против ФЕТО, и додаде дека се јавила и Гвинеја и дека наскоро во таа земја ќе биде ангажирана турската фондација „Мариф“ за спроведување на постапката за затворање и преземање на училиштата кои се поврзани со терористите на ФЕТО.
„ФЕТО соработува и со терористите на ПКК. Ние никогаш нема да се откажеме од борбата против овие предавници и ќе продолжиме со нивното процесуирање во земјата и во странство. Синоќа од Малезија екстрадирани се тројца осомничени, а такви процеси се во тек и во многу други делови на светот", порача Чавушоглу.
Чавушоглу, исто така, се осврна и на ситуацијата во соседна Сирија, и рече дека утре во Лозана ќе присуствува на важен состанок со руски, американски, саудиски и катарски колеги со кои ќе се обиде да се изнајде формула за ставање крај на судирите, крај на опсадата и отворање на хуманитарните коридори во воено разорената Сирија.