İlkay Guder
14 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
КОЊА (АА) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција е одлучна во продолжувањето на своето активно учество во меѓународната коалиција која во борбата против терористите на ДЕАШ вбројува 63 држави, но дека не може да сфати оти некои членови на таа коалиција можат истовремено да ги поддржуваат и обучуваат припадниците на терористичката организација ПЈД И ЈПГ кои се сириски огранок на терористичката организација ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во придружба на поранешниот пратеник и поранешен турски премиер, Ахмет Давутоглу, денес го посети градот Коња, а во таа пригода се обрати на илјадници граѓани кои се собраа на главниот градски плоштад во тој град.
„Сите членови на коалицијата се наши блиски пријатели, а тоа се воглавно и нашите сојузиници од НАТО. Не можам да сфатам како можат истовремено да бидат и со терористите на ПЈД и ЈПГ“, порача Ердоган.
Осврнувајќи се и на борбата против терористичката организација ФЕТО, која изврши неуспешен обид за државен удар во Турција, Ердоган изјави дека ретки членови на таа организација се каат, и најави продолжување на борбата и нови мерки во процесуирањето на сите поврзани во таа предавничка мрежа.
„Се сеќавате дека и претходно зборував оти таа организација се потпира на религијата, изградена со трговија, а покривот е предавството. Зарем не се испостави така на 15 јули? Меѓутоа, уште нешто постојано зборувам, дека ќе влеземе во сржта и тоа и го сторивме, но сè уште не e готово. Ја продолжуваме борбата против предавниците и ќе ги откриеме сите дупки во кои се кријат“, порача Ердоган.
Коментирајќи ги и критиките на некои кругови на сметка на опсежниот процес против предавниците и пучистите на ФЕТО, Ердоган изјави дека тоа се бесмислени критики и дека вистинските жртви на тоа предавство се загинатите и ранетите за време на обидот за државен удар како и нивните семејства, а дека жртви никако не можат да се сметаат предавниците кои земјата и народот се обидоа да ги завијат во црно.
Ердоган исто така изјави дека процесот на борба против ФЕТО се води во согласност со законите и правните рамки во земјата, и негираше дека притворените членови на таа организација се изложени на какво било насилство во затворите.
Укажувајќи на заканите на тероризмот во регионот, Ердоган предупреди дека сите оние кои јавно или тајно ги штитат или поддржуваат терористите на ФЕТО, ПКК, ДЕАШ или други, на крај ќе бидат жртви на тие злосторници и предавници.
„Ние како Турција сме јасно против сите терористички групи и во борбата против тероризмот имаме 35-годишно искуство. Турција нема никакви аспирации кон територијата или суверенитетот на која било држава во регионот, изјави Ердоган.
Нагласувајќи дека Турција е одлучна и во продолжувањето на учеството во коалицијата за борбата против ДЕАШ во Ирак, Ердоган изјави дека Турција ќе го активира сопствениот план Б или Ц доколку коалициските сили не сакаат Турција да биде тука.
„Република Турција не е никаква племенска држава. За тоа треба да се свесни сите тие кои се занимаваат со неа“, порача тој.
Осврнувајќи се и на реформите во Турција, Ердоган изјави дека испитувањата на јавното мислење во таа земја покажуваат дека народот сака политички систем на управување, и ги повика парламентарните партии да ја започнат таа дискусија и да го прашаат народот дали сака претседателски систем на водење на земјата.
Коментирајќи го и спротивставувањето на некои кругови во Ирак поради турското воено присуство во Башика кај Мосул, Ердоган изјави дека турските војници не отишле таму случајно, туку на повик токму на тие кругови од владата на Ирак кои сега ја повикуваат турската војска да си оди.
„Не ми замерувајте, но таму живеат моите сонародници, моите браќа Туркмени, Арапи и Курди. Тие нè викаат да им помогнеме, а истакнатиот премиер на Ирак, Ибади, лично нè повика да дојдеме таму. Ние отидовме таму, сега бараат да си одиме. Не замерувајте, не оди тоа така“, заклучи Ердоган.