Yasemin Kalyoncuoğlu
13 Август 2018•Ажурирај: 14 Август 2018
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Анкара изјави дека економската динамика на Турција е цврста и силна и таква и ќе остане, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сегашните настани немаат врска со кризите од 1994, 2001 и 2007 година. Се работи за нешто сосема поинакво“, рече Ердоган.
Како најважна причина за разните напади врз Турција, Ердоган ја наведе непопустливоста на неговата земја кога се во прашање националните интереси.
„Најважната причина поради која сме изложени на операции кои се одразуваат во тероризам, па сè до низа економски манипулации, е нашиот непопустлив став во врска со националните интереси“, рече Ердоган во обраќањето на редовниот годишен состанок на амбасадорите на Турција во Анкара.
На состанокот присуствуваше и претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации, Мирослав Лајчак, кој престојува во посета на Анкара.
Шпекулативните чекори во врска со вредноста на турската лира наспроти доларот Ердоган ги окарактеризира како предавство на националните интереси.
Претседателот на Турција за последниот чекор на САД во врска со дополнителното оданочување на некои турски производи рече дека нема никаква оправдана причина за таквиот пристап.
„Нема никаква оправдана причина за таков непријателски пристап кон земја која како НАТО членка направила големи чекори и поднела големи жртви“, рече Ердоган.
Односите меѓу Турција и САД се нарушени откако американската администрација воведе санкции за двајца турски министри поради процесуирање на американскиот свештеник Ендру Крејг Брансон во Турција.
Нешто подоцна, претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, нареди замрзнување на имотот на американските министри за правда и внатрешни работи во Турција.
Ендру Крејг Брансон е уапсен на 9 декември во 2016 година и оттогаш се наоѓа во притвор. Обвинет е за активности и шпионажа во корист на терористичките организации ПКК и ФЕТО.
На барање на Oбвинителството, судот во Измир на 18 јули му изрече мерка притвор на американскиот свештеник за време на судската постапка, но поради неговите здравствени проблеми таа мерка е преиначена во домашен притвор.
Во обвинението се наведува дека контактирал со членови на терористичката организација ФЕТО.