Hatice Özdemir Tosun
22 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
АНТАЛИЈА
- Хатиџе ОЗДЕМИР ТОСУН
Во пристаништето во турскиот град Анталија почнаа да пристигнуваат крузери, што го означува почетокот на сезоната на крстарења, пишува Агенција Анадолија (АА).
Водечкото турско комерцијално пристаниште за товар и крстарење „QTerminals Antalya“ почна да прима крузери познати како „пловечки хотели“.
Во Анталија, која има две пристаништа со вкупна должина од 370 метри и патнички терминал од 1.830 квадратни метри, започна сезоната на крстарење. Првиот брод со туристи пристигна на 25 март.

Крузерот „Seven Seas Explorer“ под знамето на Маршалските Острови, се усидри во пристаништето во Анталија со околу 500 американски, британски и германски патници. Бродот долг 224 метри, широк 31 метар, изграден на 10 ката исплови кон Кипар.
Озѓур Серт, генерален директор на „QTerminals Antalya Port2“, за АА изјави дека Анталија ги угостува туристите од различни земји.
Според неговите зборови, по пандемијата заживеал туризмот и желбата на патниците за крстарење.
Серт потврди дека сезоната добро почнала.

„Очекуваме дека оваа сезона ќе имаме 35 крузери со вкупно 38.000 патници. Сакаме да ги достигнеме рекордите од претходните години. Претходно се усидруваа 70 бродови со 200.000 патници. Очекуваме дека тоа двојно ќе го зголемиме. Капацитетите на двете пристаништа и нашите моментални услови се погодни за тоа“, изјави Серт.
Тој потсети дека крстарењата биле прекинати поради епидемијата на коронавирусот. Серт рече дека луѓето биле затворени две години и дека сега сакаат повторно да уживаат во патувањата.
Генералниот директор Серт наведе дека оние кои патуваат со луксузни бродови имаат поинакви искуства.
Серт истакна дека тие луѓе вечераат во една, а наутро се будат во друга земја.
Според него, пристаништата ја преземаат и улогата на амбасадори и промотери на убавините на своите земји.