Ali Kemal Akan
05 Ноември 2021•Ажурирај: 06 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, изјави дека првиот избор на Турција е да биде во американската програма за борбени авиони Ф-35 и дека нејзиното исклучување од програмата поради одлуката за санкции донесена во рамки на Законот за спротивставување на американските противници преку санкции (CAATSA) е неправедна и незаконска практика, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за новинарите по церемонијата на отворање на Универзитетот за ликовни уметности, Калин се осврна на одлуките донесени на неодамнешниот состанок на Самитот на Г-20 меѓу американскиот претседател Џо Бајден и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Калин рече дека двајцата лидери се согласиле да ги стават турско-американските односи во вистинската стратешка рамка.
Тој потсети дека Турција уплатила 1,4 милијарди долари за програмата Ф-35 и рече дека на дневен ред е Предлог-законот во американскиот Конгрес да се направи исклучок за Индија и Австралија, кои сега ги добиваат С-400.
Портпаролот на турското Претседателство рече дека доколку проблемот со програмата за Ф-35 не се реши, тогаш „го немаме тој луксуз да губиме време“.
„Можеме да се обидеме да го компензираме ова со Ф-16. Американската администрација досега покажа позитивен став кон ова. Тие имаат позитивен пристап“, рече тој.
„Ако тука се работи за воведување санкции само за земјите кои еднострано купуваат тешко оружје од Русија, зошто се прават исклучоци за други земји? Ако не постои такво правило, зошто овие санкции се воведуваат кон Турција?“, додаде Калин.
„Наш приоритет е на најсоодветен начин да одговориме на потребите на Турција во областа на одбранбената индустрија“, нагласи тој, додавајќи дека Турција има алтернативи во овие области, а земјата може да произведува свои беспилотни летала и има преземени важни чекори во одбранбената индустрија.
Калин рече дека се надева оти американскиот Конгрес, релевантните сенатори, членовите на Комитетот и членовите на Комисијата ќе ја разберат важноста на Турција што е можно поскоро.
„Ако наведеме четири до пет геополитички прашања кои директно влијаат на светската политика во моментов, како што се Авганистан, Источниот Медитеран, Сирија, Кавказ и Либија, сите тие се поврзани со Турција“, рече тој.
Истакна дека не е можно да се направи каква било пресметка или да се развие политика без Турција за овие прашања.
„Во овој контекст, се надевам дека членовите на Конгресот, креаторите на политиката и пратениците таму ќе ја видат важноста на Турција како што заслужува. Ќе продолжиме да зборуваме за овие тези“, додаде тој.
Турција плати 1,4 милијарди долари за борбените авиони, но Вашингтон ја извади Анкара од програмата во 2019 година затоа што Турција го купи рускиот одбранбен систем С-400 откако нејзините напори да набави американски ракети „Патриот“ беа одбиени.
САД тврдеа дека рускиот систем е безбедносен ризик, но Турција тврдеше дека С-400 нема да претставува закана за НАТО или неговото вооружување бидејќи нема да биде интегриран во системите на Алијансата.
Анкара, исто така, постојано предлагаше формирање комисија за решавање на проблемот.