Kemal Karadağ
24 Февруари 2017•Ажурирај: 25 Февруари 2017
МАНИСА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во западниот турски град Маниса изјави дека е можно во неговата земја да се распише и референдум за воведување смртна казна, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес се обрати пред илјадници граѓани на плоштадот во Маниса, а во таа пригода се осврна и на претстојниот референдум за уставните промени, кој во оваа земја ќе биде одржан на 16. април оваа година.
Во таа пригода, Ердоган изјави дека уставните промени коишто водат кон воведување претседателски систем имаат големо значење за иднината на Турција и за нејзините граѓани.
„Претседателскиот систем го сакаме поради иднината на нашата држава и народот. Поради тоа се бориме. Ако веруваме дека Турција може да ги достигне своите цели со сегашниот систем, не би направиле ниту најмал чекор во врска со уставните промени“, рече Ердоган во обраќањето пред илјадници граѓани во Маниса.
Тој додаде дека некои прашуваат зошто Турција не се занимава со решавање на другите прашања со кои е соочена, а не со промена на системот на управување на земјата, а во врска со тоа порача: „Токму тоа го правиме од таа причина. За проблемите со кои Турција е соочена да не бидат препуштени на лични иницијативи, го менуваме системот. Сакаме да го промениме системот за безбедноста и стабилноста да не зависат од оваа или од онаа личност, туку гаранција на тоа да биде системот“.
Ердоган повтори дека ќе го поддржи предлогот за воведување смртна казна во неговата земја, во случај тој да ја помине парламентарната процедура.
„Но, постои една препрека. За тоа се потребни уставни промени. Според тоа, народот на референдумот на 16. април, од една страна, ќе го даде својот одговор и на тоа. Но, ние сепак можеме да го отвориме патот за референдум. Ако тоа не помине низ Парламентот, ние можеме да го отвориме патот преку референдум. И за тоа, секако повторно ќе го прашаме народот“, порача Ердоган.