Ali Murat Alhas
03 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
АНКАРА (АА) - Турските беспилотни летала имаат нов софтвер кој може да лоцира терористи со голема точност, соопшти турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, јавува Anadolu Agency (AA).
„Со нашиот нов софтвер развиен за беспилотни летала, тие [терористите] нема дури ни да можат да чекорат низ планините. Од средината на мај, целиот свет ќе зборува за овој нов софтвер“, изјави Сулејман Сојлу на средбата со претставници на невладините организации, локалните власти и челниците на коморите во главниот град Анкара.
Истакнувајќи дека членството во терористичката организација ПКК е на најниско ниво досега, Сојлу додаде: „Во минатото илјадници ѝ се приклучуваа на организацијата. Во 2017 и 2018 година, вкупно 294 лица се приклучија кон ПКК, а во истиот период 800 припадници на организацијата се предадоа.“
Тој нагласи дека 350 од 800-те терористи го положиле своето оружје откако допрел гласот на владините официјални лица до нивните семејства кои потоа ги убедиле да се откажат од тероризмот.
Министерот Сојлу додаде дека во првите два месеца од 2019 година се предале 42 терористи на ПКК, меѓу кои и 27 по кои имало потерница од властите.
Покрај тоа, тој рече дека меѓу илјадниците припадници на ПКК, кои се предадоа во текот на изминатите години, само петмина повторно ѝ се вратиле на терористичката организација.
ПКК се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ. Во својата над тридецениска терористичка кампања против Турција, убиени се повеќе од 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.