Kenan Irtak
03 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Компанијата „Туркиш карго“ („Turkish Cargo“), која обезбедува услуги во 124 земји од светот, лавиците сестри Лука, Чарли и Каи и малото лавче Нејтан, во рамки на почитувањето на правата на животните, од Киев преку Истанбул, ги пренесе во нивната природна средина во Јужна Африка, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставникот на канцеларијата за печат на „Туркиш ерлајнс“ (THY) соопшти дека малото лавче Нејтан и трите лавици сестри Лука, Чарли и Каи, многу години во Украина живееле во затворен простор од 35 метри квадратни, далеку од својата природна средина, без директна сончева светлина и чист воздух и биле користени како циркуски животни.
Лавовите се спасени благодарение на активностите на една организација која дејствува заедно со Светската организација „Лоренс Ентони“ (LAEO), која се бори за заштита на правата на животните. Со спонзорство на глобалниот бренд за воздухопловен транспорт, „Туркиш карго“, овие животни бесплатно се префрлени во нивната природна средина во Јужна Африка. Лавовите за време на транспортот беа сместени во специјално конструирани контејнери, при што се водеше сметка за нивните потреби од вода и храна. За време на летот, состојбата на лавовите ја следеа негуватели, ветеринари, претставник на Светската организација „Лоренс Ентони“ и персоналот на „Туркиш карго“, кој поседува сертификат на IATA LAR за транспорт на животни.

Лавовите, по изминатиот лет од приближно 9.000 километри пристигнаа во природниот резерват Крага Кама, каде што на површина од околу 14.000 метри квадратни и бујна зелена шума и трева, ја добија својата слобода. Поради долгогодишниот живот во циркус, во првата етапа, лавовите во првиот контакт со природната средина се почувствуваа како странци, но со тек на времето, тие ќе ја откријат вистинската природа, својата слобода и ќе се стекнат со нови пријатели.
Јахја Устун, претставникот на канцеларијата за печат на „Туркиш ерлајнс“, за АА изјави „Четирите лава ослободени од нивниот животен простор во Украина со големина од 35 метри квадратни, ги пренесовме во нивната животна средина во Јужна Африка, која е речиси бескрајна. Сега редот е на нив, да истражуваат и да ги откријат тајните на животот и на слободата. Ние, преку нашиот бренд „Туркиш карго“, со специјални операции ќе продолжиме да бидеме заштитник на природата.“
Со цел да се спречи илегалната трговија со диви животни и да се зголеми свеста за ова прашање, во 2017 година „Туркиш ерлајнс“ ја поддржа Декларацијата на Бакингамската палата „Обединети за дивиот свет“ („United For Wildlife Buckingham Palace Declaration“), со што оваа турска авиокомпанија го истакна значењето што му го придава нa процесот на транспорт на животните и важноста на нивните права. Покажувајќи највисоко ниво на грижа при транспорт на живи животни, „Туркиш карго“, за време на транспортот во лет, на животните им создава средина која е најблиска до природните услови за живот. Притоа, „Туркиш карго“ се повикува на регулативите воспоставени од страна на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови диви фауна и флора (CITES) и на IATA LAR, во постапките за прифаќање, складирање и транспорт на животните, покажувајќи особено внимание кон примената на овие регулативи во документацијата, кафезот во кој се сместени, нивното етикетирање и одбележување.
Подетални информации за „Туркиш карго“ и за редот на летање можете да добиете на веб-страницата „www.turkishcargo.com.tr“, или на телефонскиот број на Центарот за повици: +90 850 333 0777.