Abidin Mutlu Bozdağ
07 Октомври 2021•Ажурирај: 08 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Читателите на „Конде наст травелер“ (Conde Nast Traveler), едно од најчитаните списанија за патувања во светот, „Туркиш ерлајнс“ (THY) ја избраа како една од трите најдобри авиокомпании во светот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларијата за односи со јавноста на „Туркиш ерлајнс“ соопшти дека како резултат на гласањето на читателите на списанието „Конде наст травелер“, објавени се наградите по избор на читателите.
Летајќи кон повеќето земји и меѓународни дестинации во светот, „Туркиш ерлајнс“ стана една од првите три авиокомпании меѓу глобалните авиокомпании, според изборот на читателите на списанието „Конде наст травелер“.
На гласањето учествуваа 800.000 читатели на списанието. Тие ги избраа услугите кои најмногу им се допаднале во различни категории како што се авиокомпании, градови и хотели.
Читателите на ова списание, аеродромот „Истанбул“ го избраа како втор најдобар аеродром во светот, додека Истанбул од патниците е оценет како петти во категоријата „Најдобри големи градови“.
Од списанието, кое месечно има 37 милиони читатели, љубителите на патувањата може да се запознаат со патувањата кои се актуелни.
- „Продолжуваме да добиваме позитивни реакции од нашите патници“ -
Претседателот на Управниот одбор и Извршниот комитет на „Туркиш ерлајнс“, М. Илкер Ајџи, истакнувајќи дека резултатот не е случајност, рече:
„И покрај тешкотиите за време на процесот на пандемија, продолжуваме да добиваме позитивни реакции од нашите патници со мерките на претпазливост што ги преземаме, нашите хигиенски практики и нашите бесконтактни услуги. Овој успех се должи на моите колеги и членови на големото семејство на „Туркиш ерлајнс“, кои се грижеа за својот бренд, и покрај сите тешки услови. Упатуваме благодарност до читателите на „Конде наст травелер“ за нивниот избор.“