Tuba Onğun
21 Септември 2023•Ажурирај: 24 Септември 2023
АНКАРА (АА) – Турскиот национален авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ третпат ја освои наградата „Светска класа“ на АПЕКС за неговото глобално лидерство во искуството на патниците и квалитетот на услугите во воздухопловната индустрија, јавува Анадолу.
Покрај „Туркиш ерлајнс“, авиокомпании означени со АПЕКС Светска класа за 2024 година се „Емирати“, „Јапонија ерлајнс“, „КЛМ Ројал Дач ерлајнс“, „Катар ервејс“, „Саудија“, „Сингапур ерлајнс“ и „Сиамен ерлајнс“.
Авиопревозниците што ја добиваат оваа награда се вистински мајстори во задоволувањето на потребите на гостите со давање извонредни услуги за клиентите, оценети преку сеопфатна ревизија на квалитетот на услугата, безбедноста и иницијативите за здравствена контрола, според АПЕКС.
Ахмет Олмуштур, главен маркетинг директор на „Туркиш ерлајнс“, рече дека наградата е показател колку добро функционираат стратегиите и работата на авиопревозникот.
„Нашите ергономски седишта, персонализираните услуги и уникатните понуди насочени кон задоволувањето на потребите на нашите гости се дел од нашите напори да го направиме патувањето исклучително“, додаде тој.
Извршниот директор на АПЕКС, Џо Лидер, рече: „Во светот на унапредени искуства во авијацијата, 'Туркиш ерлајнс' се искачува над статусот на авиокомпанија со пет ѕвезди како пример за извонредност, победувајќи како една од единствените престижни авиокомпании од АПЕКС Светска класа за 2024 година во светот.“
Тој, исто така, се осврна и на менито за патниците на „Туркиш ерлајнс“: „Со магијата на готвачот на 'Туркиш ерлајнс', секој оброк станува неспоредливо кулинарско патување, кое потсетува на вечери со свеќи под ѕвезденото небо на Анадолија. Тоа е автентичното и екстравагантно турско гостопримство, спој на топлината и луксузот, кој навистина го чини срцето на услугата.“
Авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“, основана во 1933 година, денес лета до 344 дестинации во 129 земји во светот со флота од 429 авиони.