Khalid Mejdoub,Daniel Gallego
16 Септември 2016•Ажурирај: 17 Септември 2016
РАБАТ (АА) – Претседателот на канцеларијата на Информативниот центар на Обединетите Нации (UNIC) во Мароко, Фетхи Ед-Дебаби изјави дека Турција е прва меѓу државите во светот што прифаќаат бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Во пресрет на Самитот на ОН за бегалците и мигрантите, кој е планирано да се одржи идниот понеделник во Њујорк, претседателот на канцеларијата на Информативниот центар на Обединетите нации (UNIC) во Мароко, Фетхи Ед-Дебаби, на прес-конференција во Рабат изјави: „Турција е прва во светот во прифаќањето бегалци. Според податоците на ОН, во првата половина на минатата година Турција прифатила повеќе од 1 милион 838 бегалци. Зад неа следат Пакистан, Либан, Ирак, Етиопија, Јордан, Кенија, Уганда, Чад и Судан, со по 1,5 милиони прифатени бегалци.
Потенцирајќи дека во светот секоја минута мигрираат по 24 лица, Дебаби рече дека ваквата криза е причина за задолжително одржување на Самитот за бегалците и мигрантите на ОН.
Дебаби предупреди на зголемувањето на тешкотиите на бегалците и мигрантите, смртните случаи во морските води, како и на тргувањето со луѓе.
На прес-конференцијата зборуваше и постојаниот координатор на ОН за Мароко, Филипе Поисонт. Меѓу другото, тој потенцирајќи дека е потребно да се најде решение за овие миграции предизвикани од војни, сиромаштија, за безбедноста на храната, невработеноста, дискриминацијата и кршењето на човековите права, рече дека за првпат ќе се одржи еден самит на оваа тема.
Поисонт, исто така, ја нагласи потребата од ставање крај на ксенофобијата, која расте во последниве години.