Mehmet Tosun,Sarp Özer
25 Ноември 2022•Ажурирај: 27 Ноември 2022
АНКАРА (АА)- Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, денеска изјави дека Туркије никако нема да им наштети на коалициските сили или на цивилите за време на нејзините антитерористички операции, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјава за новинарите во турскиот главен град Анкара, Акар ги отфрли тврдењата дека американска набљудувачка точка во северна Сирија била погодена во прекуграничните воздушни операции на Туркије против терористите на ЈПГ/ПКК во северен Ирак и северна Сирија.
„Турските сили ги гаѓаат само терористите и нивните засолништа за време на операцијата“, повтори Акар, додавајќи: „Нашиот најважен принцип е да не им наштетиме на цивилите и на животната средина.“
„Туркије досега неутрализира 326 терористи на ПКК/ЈПГ како дел од тековните операции, извршени и со воздушна и копнена поддршка“, додаде Акар.
Туркије во неделата ја започна операцијата „Канџа-меч“, прекугранична воздушна кампања против терористичката организација ЈПГ/ПКК, која има засолништа близу ирачко-турската и сириско-турската граница, од каде што планира напади на турска територија.
Турската воздушна операција е започната по терористичкиот напад на ЈПГ/ПКК на 13 ноември во Истанбул, во кој загинаа 6 лица, а 81 беа повредени.
По започнувањето на воздушната операција, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, исто така сигнализира можна копнена операција во северен Ирак и северна Сирија за елиминирање на терористичката закана, велејќи: „Ова не е ограничено само на воздушна операција.“
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто е на листата на терористички организации во Туркије, САД и Европската Унија, е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК.